Резултатите од вештачењата (судско-медицинското, техничкото и пожарно-техничкото) за автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма“ би можеле да бидат готови до недела, според најавите на бугарските истражни служби.
Првичните податоци укажуваат дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот, а ноќта на инцидентот врнел дожд и патот бил влажен, според шефот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов,
– Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот – истакна неодамна Сарафов, додавајќи дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките, појаснувајќи дека тие можеби придонеле за неа, но возачот морал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина.
Тој посочи и дека ознаките на патиштата „очигледно не ги исполнуваат условите”.
Досегашната истрага покажува дека автобусот од засега непозната причина скршнал вдесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот.
Во автобуската несреќа што се случи на 23 ноември загинаа 45 лица, од кои 12 деца, а седуммина беа повредени. Тие се враќале од туристичко патување во Турција.