Призна вина возачот Ј.Ѓ. кој ја стори сообраќајката кај „Сити мол“ во Скопје, во која В.Н. (24) од Радовиш го загуби животот на 20 јануари. Тој пред судијката Љубинка Башевска кажа дека се чувствува виновен. Нему му се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
– Се чувствувам виновен, многу се каам. Свесно го давам признанието. Никој не ме уценувал. Јасно ми е дека ќе следи санкција, дека ќе ги платам трошоците за постапката, како и имотно правните побарувања – кажа обвинетиот.
Адвокатот Душко Јанковиќ, кој го застапува возачот предложи да не се изведуваат докази за сообраќајката, туку само оние кои се важни за одредување на висината на казната. Судијката Љубинка Башевска тоа го прифати, бидејќи обвинетиот призна вина.
Адвокатот Владимир Михајловиќ на семејството на настраданата девојка, кажа дека нема да бара имотно-правни побарувања, бидејќи тоа ќе го оствареле преку осигурителна компанија.
Адвокатката Билјана Андонова, која го застапува Л.Д., момчето на починатата В.Н., кажа дека ќе бара имотно правно побарување.
– Предјавувам имотно правно побарување во име на оштетениот. Бараме од судот за остварување на имотно правно побарување во граѓански спор – кажа Андонова.
Обвинението за Ј.Ѓ. го поднесе скопското обвинителство по сообраќајката на крстосницата кај „Сити мол“. Според обвинението, тој возел со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, не застанал иако видел дека има пешаци и ја прегазил В.Н., заедно со нејзиното момче кое имаше полесни повреди.