Обвинителството бара притвор за 26-годишниот скопјанец кој вчера со автомобил усмрти мопедист на улицата Скупи, по што избегал од местото на несреќата, а подоцна самиот се пријавил во полицијата. Од Обвинителството објавија детали за несреќата во која настрада 30-годишен маж.
Возачот не поседувал возачка дозвола и движејќи се по улицата „Скупи“, во обид за престигнување, поминал низ полна надолжна линија на коловозната лента наменета за движење возила од спротивен правец. На овој начин, како што информираат од Обвинителството, возачот го спречил нормалното движење на возилото кое дошло од спротивен правец – мопед „пежо“ со скопски регистарски ознаки. Со предниот дел од автомобилот пријавениот удрил во мопедот на кој се превезувале две лица.
По незгодата, без да им укаже помош на повредените кои останале да лежат на патот, осомничениот го напуштил местото на настанот. Во незгодата, лицето кое го управувало мопедот се здобило со тешки телесни повреди, додека сопатникот од мопедот се здобил со тешки телесни повреди на кои подоцна им подлегнал и починал.
– Бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничениот може да побегне или да го повтори случајот, јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходната постапка од Основниот кривичен суд Скопје да му одреди мерка притвор на осомничениот. Како значајна околност во предлогот за определување мерка притвор, јавниот обвинител го наведе фактот дека осомничениот веднаш по сообраќајната несреќа избегал без да им помогне на оштетените, што е очигледен доказ за неговото избегнување да се соочи со последиците од незаконските дејствија – велат од Обвинителството.