Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, дури 100 возачи возеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 12 возачи се осмелиле да возат со 70 километри на час над дозволената и препорачана брзина
Со секое пречекорување на брзината, ризикот по животот на возачите и нивните сопатници прогресивно расте
Нема период од годината кога брзото возење не претставува проблем за граѓаните, но и за полицијата. Долго време сообраќајната полиција е активна на терен, за репресивно да ги научи граѓаните дека брзото возење е ризично и животозагрозувачко, но и казниво со закон. Сепак, се чини дека тоа воопшто не ги загрижува возачите што сакаат малку повеќе да го притискаат педалот за гас, бидејќи, само за еден ден, бројката на санкционирани возачи поради пребрзо возење достигнала и над илјада возачи.
НАД ИЛЈАДА ВОЗАЧИ КАЗНЕТИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ
Брзото возење можеби предизвикува адреналин, можеби ве прави да се чувствувате моќно и полни со самодоверба, но за миг од секундата може да ве чини живот. Дополнително, предизвикот што побрзо да стигнете до саканата дестинација е мотив плус за да ја надминете препорачаната брзина, која сепак е одредена затоа што некој во државата направил проект и, според тој проект и спроведени анализи, одредил на таа улица да се вози со одредена брзина.
Она што загрижува е фактот што на 19-ти месецов, само за еден ден, сообраќајната полиција успеала да санкционира неверојатни 1.062 возачи што возеле пребрзо.
Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, дури 100 возачи возеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 12 возачи се осудиле да возат со 70 километри на час над дозволената и препорачана брзина.
Исто така, загрижувачки е фактот што дури 572 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 490 надвор од населено место.
Само во СВР-Битола се евидентирани 148 прекршоци за надминување на дозволената брзина, а во СВР-Тетово дури 199 возачи се казнети поради брзо возење. И на автопатот Куманово – Скопје – Велес биле санкционирани 143 возачи за истиот прекршок.
– Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта – велат од МВР.
БРЗОТО ВОЗЕЊЕ Е ПРЕОПАСНО
Како што пишува на интернет-страницата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возачот е должен брзината на движењето на возилото да ја приспособува кон својствата и состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, на начин да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што може да ја предвиди под одредените услови.
– Истражувањата што ги направи Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата покажуваат дека 86 отсто од возачите во Република Македонија ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината, а 20 отсто од нив, тоа го прават често. Ваквиот податок е загрижувачки и укажува на потребата за будење на свеста и разумот кај возачите за последиците од брзото и агресивно однесување во сообраќајот – стои наведено на интернет-страницата.
Оттаму информираат дека силата на ударот на возило со брзина од 100 км/ч. e еднаква на силата со кое ќе удри возилото при пад од зграда од 12 кат.
– Математички пресметано, силата на ударот се зголемува прогресивно со брзината. Со брзина од 60 км/ч., силата на ударот е голема. На 80 км/ч., силата на ударот е четири пати поголема, а на 120 км/ч. таа е девет пати поголема отколку на 60 км/час. Кај еден просечен возач, со секое зголемување на брзината за 1 отсто, ризикот за незгода се зголемува за 2 отсто, веројатноста за сериозни повреди се зголемува за 3 отсто, а веројатноста за фатален крај се зголемува за околу 4 отсто. Разликата во брзината со некој километар на час е всушност разлика помеѓу лесна и тешка повреда, разлика меѓу живот и смрт. Брзото возење и последиците од него ќе ве следат целиот живот. Трајни физички последици, или трајни лузни од грижата на совест дека сте одзеле нечиј живот – предупредуваат од РСБСП.
Зошто не треба да возите брзо?
- Најпрво заради сопствената безбедност и безбедноста на сопатниците! Разликата во брзината со некој километар на час е всушност разлика помеѓу лесна и тешка повреда, разлика меѓу живот и смрт!
- Одземање на возачката дозвола. Непочитувањето на правилата за ограничување на брзината може да биде санкционирано и со привремено одземање на возачката дозвола на период до 12 месеци.
- Брзото возење ве прави нервозни и агресивни. Истражувањата направени во САД покажуваат дека возачите што не ги почитуваат правилата за ограничување на брзината често се нервозни и фрустрирани, во постојана караница со оние што возат побавно и ги почитуваат правилата. На тој начин всушност возењето им станува „кошмар“, а лошото расположение се пренесува понатаму на нивната професионална работа или во кругот на семејството.
- Агресивните и брзи возачи немаат можност да уживаат во возењето. Смиреното возење ве прави релаксиран и среќен возач.
- Заштеда на гориво. Најдобриот начин да заштедите гориво (покрај користењето алтернативен превоз и некористење на возилото) е бавното и смирено управување на возилото. Постепено забрзување на возилото, постепено забавување на возилото и умерена работа на моторот е доста ефикасен начин за заштеда на гориво.
- Загуба на време. Лажна и „скапо платена“ е перцепцијата за заштеда на време со брзо и агресивно однесување во сообраќајот. Времето што брзите и агресивни возачи навидум го заштедуваат е минимално и неспоредливо во споредба со сите ризици, трошоци и нервози со кои се соочуваат. Времето изгубено за поправка на грешките и санирање на последиците од брзото возење е повеќекратно поголемо во споредба од заштеденото време со брзо и агресивно возење.
- Грижа за автомобилот. Автомобилите што се управувани од возачи што се однесуваат брзо и агресивно во сообраќајот почесто се предмет на физичко оштетување и почесто се подложни на технички недостатоци и неисправно функционирање на дел од системите на возилото.
- Избегнување стресни ситуации. Возачите што возат брзо и агресивно се речиси постојано под стрес додека го управуваат своето возило. Дополнително, сите несакани ситуации со кои се соочуваат како последица на брзото возење (сообраќајна незгода, повреди, материјална штета, казни итн.) дополнително го зголемуваат стресот и штетно влијаат на здравјето.
Извор: РСБСП