Фото: Игор Бансколиев

Експертите предупредуваат дека физичкото присуство или само наслушнувањето на децата не е доволно кога се во прашање базените. Според Вилијам Рамос, член на Научниот совет за надзор на американскиот црвен крст, децата до петгодишна возраст мора да се на дофат на рака. За оние, пак, до десетгодишна возраст, родителите мора да се приближно еден метар оддалечени од нив, за да можат веднаш да реагираат доколку се случи паѓање на детето во водата. Сепак, најдобра заштита, според експертите, е ограда околу базените, која ќе биде доволно висока за детето да не може да се прекачи и да заврши во вода

ДРУГАТА, ТЕМНА СТРАНА НА ВОДНИТЕ ПОВРШИНИ НАМЕНЕТИ ЗА КАПЕЊЕ И ЛЕТНО РАЗЛАДУВАЊЕ

Со официјалното доаѓање на летото, најавени се и екстремно високи температури, каде што живата на термометарот се очекува да достигне и над 40 Целзиусови степени. Претстои период во кој многумина ќе ги користат своите домашни базени, односно оние што имаат монтажни ќе ги полнат, а оние што имаат стандардни базени во своите дворови веќе на големо ќе ги користат. Токму оттука е и опасноста за семејствата што во својот состав имаат мали деца, кои не ја знаат опасноста од имањето базени во дворовите.

МАЛИТЕ ДЕЦА ПОДАЛЕКУ ОД БАЗЕНИТЕ

Имањето деца е благослов, но и една од најголемите одговорности за родителите. Нивната непредвидливост и бестрашност се она што родителите треба да ги држи на штрек и дека мора постојано да ги држат очите отворени и насочени кон нив. Само едно минимално невнимание може да доведе до кобен исход по животот на детето, особено доколку во дворовите на семејните куќи има полни базени.
Независно за какви базени станува збор, мали гумени, големи монтажни или оние ископани во земја, сите претставуваат сериозна и потенцијална животозагрозувачка опасност за децата. Љубопитноста на децата е тоа што ги мотивира да ги преминат границите на безбедноста и, наместо да се забавуваат, лесно можат да станат жртва.
Според актуелната статистика во Соединетите Американски Држави, една од водечките причини за смрт кај децата до четиригодишна возраст, во летните периоди, освен оставањето на децата во автомобили, е давењето во домашните базени, независно дали станува збор за базен на надувување или, пак, за оние стандардните вкопани во земја. Не само што базените се најчестата локација каде што страдаат деца до петгодишна возраст туку дури 69 проценти од времето кога тие се пронајдени во базените е период од денот кога тие воопшто не ни требало да бидат таму.
Експертите предупредуваат дека физичкото присуство или само слушањето на децата не е доволно кога се во прашање базените. Според Вилијам Рамос, член на Научниот совет за надзор на американскиот црвен крст, децата по петгодишна возраст мора да се на дофат на рака. За оние, пак, до десет години, родителите мора да се приближно на метар од нив, за да можат веднаш да реагираат доколку се случи паѓање на детето во водата.
Сепак, најдобра заштита, според експертите, е ограда околу базените, која ќе биде доволно висока за детето да не може да се прекачи и да заврши во вода. Сите овие совети американските експерти за безбедност ги даваат водејќи се од црната статистика. Имено, базените се втора водечка причина за смртност и кај деца од пет до девет години.
Само во 2018 година, 6.400 дечиња до 15-годишна возраст завршиле со сериозни повреди од паѓање во базени. Оваа година, експертите се загрижени оти родителите нема да го зголемат вниманието кон децата, особено кога се во прашање базените. Само до средината на мај, во Флорида и Тексас значително се зголемил бројот на удавени дечиња во базени.
– Сигурно мислите дека затоа што е детски базенот и има само неколку сантиметри вода, тој е безбеден. Но воопшто не е така, особено за помалите дечиња, кои доколку паднат со лицето во водата, ќе имаат проблем да станат заради рамнотежата, која сѐ уште ја изучуваат и не се толку вешти за да реагираат брзо – вели докторот Адам Катмарачи, извршен директор на Националниот центар за превенција од давење.
Тој препорачува ваквите базени секогаш да се празнат по користењето, за децата да не можат сами да влезат во водата иако нејзиното количество е мало.
Децата најчесто се дават поради тоа што не се свесни за опасноста што ги демне. За нив, водата е забава, место каде што можат да играат и да се забавуваат. Дури десет проценти од давењата на децата се случиле во детските шарени базени, кои на возрасните им изгледаат комплетно безбедно. Просечната длабочина во која децата се удавиле била околу четириесет сантиметри, но голем број давења кај дечиња се случиле и во длабочина од само пет сантиметри.
– Најголемиот мит за давењето е дека е бучно и дека сигурно ќе слушнете, но тоа воопшто не е така. Вообичаено, давењето е тивко и не можете да претпоставите дека се случува во моментот. Ги советувам родителите ако поради која било причина не можат да си го најдат детето, прво да проверат во базените и околу нив, во тоалетите и кои било поголеми садови со вода, бидејќи воопшто не е страшно доколку детето се крие во гардеробер, тогаш не е прашање за живот или смрт. Но доколку се со лицето кон дното на базенот, во тој случај во прашање се секунди – потенцира доктор Катмарачи.

МАКЕДОНИЈА ИМА ГОЛЕМ БРОЈ ИНЦИДЕНТИ ПОВРЗАНИ СО БАЗЕНИТЕ, РЕКИТЕ И ЕЗЕРАТА

Ништо подобра не е ниту состојбата со базените што се отворени за посетители, па затоа внимателноста никогаш не е вишок. Земјава бележи низа инциденти со трагичен крај како последица на недоволното внимание на посетителите, но и на пуштањето малолетни деца сами да заминат на разладување.
Во 2019 година, навидум безопасна игра на две малолетни девојчиња заврши трагично во Битола. Две девојчиња на возраст од 14 години, во својата детска игра почнале да се туркаат крај базенот, но никој од присутните не ни насетувал дека играта за кратко може да се претвори во трагедија. По некое време, занесени во играта, и двете девојчиња паднале во водата. Едното, кое не знаело да плива, го фатило паника, но веднаш интервенирале присутните и го извлекле живо и здраво. Во мешаницата што настанала, останува нејасно како никој не го забележал второто девојче, за кое се тврди дека знаело да плива, но кое од неразбирливи причини потонало на дното на базенот и таму останало.
Дури откако се расчистила мешаницата, безживотното тело било забележано и извлечено, но веќе било доцна за да му се помогне.
Истата година, петгодишно девојче се удави во базен во угостителски објект во Скопје. Девојчето паднало и се удавило. Повторно во истата година, во базен во семејната куќа во Бардовци, се удави осумгодишно девојче.


Кој има најголем ризик од давење?

Според извештајот објавен во весникот „Педиатрикс“, машките деца и адолесценти имаат најголем ризик од давење. Според извештајот, 75 проценти од сите деца и тинејџери што умираат од давење се машки. Тинејџерите имаат десет пати поголема веројатност да се удават отколку девојчињата. Децата од предучилишна возраст имаат поголема веројатност да се удават во базени. Поголемиот дел од смртните случаи, односно 75 проценти кај деца под 15-годишна возраст се случуваат помеѓу мај и август. Времето во кое се дават е периодот од 18 до 20 часот.