Голем процент возачи во земјава, кои имаат возило со повеќе од шест седишта, во еден момент се решаваат да си направат „бизнис“ од тоа, па без никаква лиценца и без никакви документи и проверки одлучуваат да се занимаваат со превоз на патници?! Цути црниот бизнис со превоз, за што потврдуваат и граѓаните што го користат таквиот превоз. За пониска цена, бидејќи дивите превозници немаат никакви давачки кон државата, таков вид превоз циркулира од Велес, од Куманово, па и од другите градови до Скопје, за некакви ниски суми од 50 денари. Најчесто чекаат на однапред договорени локации што не се предвидени за прием на патници и багаж, на пример на Бит-пазар или на други локации познати само за нив и нивните корисници
ДА НАПРАВИМЕ ДА СЕ ИЗБЕГНАТ ТРАГЕДИИТЕ КАКО ЛАСКАРЦИ ИЛИ БУГАРИЈА
Завчера се одбележи една година од страшната трагедија во која животите ги загубија 16 лица кај селото Ласкарци. Половина час откако тргна со патници од Скопје кон Гостивар, автобусот ја загуби контролата на автопатот и падна на споредниот пат, пробивајќи ги заштитните огради. Од превртувањето, 16 од патниците ги загубија животите, а 35 поминаа со тешки повреди. Пред само три месеци, македонската јавност беше шокирана од уште една страшна автобуска несреќа, овој пат во соседна Бугарија, во која автобус се запали, а животите ги загубија 45 патници. По оваа несреќа се интензивираа инспекциите на терен, со цел воведување ред во превозот на патници, кој, за жал во земјава е еден од најголемите бизниси на црно.
РЕГИСТРИРАНО Е ДЕКА ДИВИОТ МЕЃУГРАДСКИ ПРЕВОЗ Е ВО ПОДЕМ
Секој што има возило со повеќе од шест седишта во земјава одлучува да си направи бизнис од тоа, па без никаква лиценца и без никакви документи и проверки одлучува да се занимава со превоз на патници. На големо функционира црниот бизнис со превоз, за што потврдуваат и граѓаните што го користат превозот. За пониска цена, бидејќи дивите превозници немаат никакви давачки кон државата, возат од Велес, од Куманово, па и од другите градови до Скопје, за многу ниски суми од 50 денари. Најчесто чекаат на локации што не се предвидени за тоа, на Бит-пазар или на други локации познати само за нив и нивните корисници.
Патниците најчесто не ги пријавуваат бидејќи им одговара поевтината цена, посебно доколку секојдневно доаѓаат во Скопје и се враќаат во своите домови во другите градови, па поисплатливо им е да патуваат со дивиот превоз. Секако, дури откако ќе се случи несреќа од невидени размери со голем број човечки жртви, дури тогаш и патниците се свестуваат дека се потребни стандарди во меѓуградскиот превоз и оти токму затоа треба да користат лиценциран превоз, кај кој можните причини за несреќи се минимализирани, иако не можат да бидат целосно исклучени.
– Не пријавувам искрено, затоа што секојдневно го користам тој превоз. Цената ми одговара, а и возачот го познавам, сосед ми е во Велес. Знам дека е одговорен и токму затоа и ги користам неговите услуги. Му верувам и знам дека внимава на комбето со кое нѐ вози неколкумина што секојдневно патуваме на релацијата Скопје – Велес и обратно – вели Сашо Димовски.
АКТИВНИ КОНТРОЛИ ЗА СУЗБИВАЊЕ НА ДИВИОТ ПРЕВОЗ
Сепак, пријавување на дивите превозници нема од страна на граѓаните, а тие секојдневно се „заловуваат“ од страна на инспекторите на Град Скопје и Министерството за внатрешни работи, за што сведочат многубројните акции во изминатиот период реализирани најмногу во Скопје.
Токму затоа, Инспекторатот на Град Скопје веќе некое време реализира вонреден надзор на терен преку контроли на автобуси и комбиња што вршат превоз на патници.
Во рамките на контролите, многу фирми што се легално регистрирани да вршат превоз на патници добија казни. Во инспекциски надзор на три автобуси и две комбиња е утврдено дека комбе со име на една фирма вршело превоз на патници од и кон Скопје и екскурзии, без притоа да има лиценца за туристичка агенција и превоз на патници, како и за организирање екскурзии со туристички водич, од Министерството за економија, што е задолжително во согласност со Законот за туристичка дејност, а не поседувало ни дозвола од Министерството за транспорт и врски.
– Град Скопје континуирано спроведува теренски контроли, за законите што се пропишани за оваа дејност да бидат почитувани и имплементирани во секојдневното функционирање на фирмите што работат со јавен превоз, а со тоа и да се овозможат квалитетно и одговорно вршење на дејноста од страна на превозниците и заштита на безбедноста на граѓаните. До надлежните институции за постапување ќе бидат поднесени соодветни пријави – информираа градските власти.
Оттаму додаваат дека вонредните инспекциски контроли продолжуваат, а казни добија уште две фирми што не ги почитувале законските прописи за превоз на патници.
И Министерството за внатрешни работи е со полни раце работа, кога се во прашање дивите нелиценцирани превозници што сообраќаат со неисправни возила.
На дневна основа се случува да се исконтролираат и повеќе од 300 возила што вршат јавен превоз на деца кон училиштата. Во тие проверки, МВР констатирало кривични дела и прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за возила, Законот за заштита на населението од заразни болести и сл.
На почетокот на месецот во една таква контрола, од сообраќај беа исклучени 23 возила поради техничка неисправност и други констатирани недоследности.
– За време на контролата се утврдени 24 кривични дела по членот 284-а од Кривичниот законик, во врска со вршење јавен превоз без соодветна лиценца и 68 прекршоци што произлегуваат од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за возила, Законот за заштита на населението од заразни болести. По документирање на случаите, против сите одговорни лица што сториле каков било прекршок или кривично дело ќе биде поднесена соодветна прекршочен или кривичен поднесок – информираа од МВР.
Сепак, се откриваат и превозници без соодветна документација.
На петти и шести месецов од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничниот премин Табановце при Регионалниот центар за гранични работи Север, била извршена контрола на четири патнички возила – комбиња и пет автобуси, кои вршеле меѓународен превоз на патници.
– При контрола на возилата „мерцедес спринтер“, управувано од В.Т. (25) од Струмица, „мерцедес спринтер“, управувано од В.Н. (24) од Струмица, „цитроен“, управувано од С.С. (36) од Струмица и „мерцедес спринтер“, управувано од Г.Г. (32) од Струмица, сите со струмички регистарски ознаки, било констатирано дека вршеле меѓународен превоз на патници без поседување на соодветна документација. Исто така, при контрола во автобус со тетовски регистарски ознаки управуван од Г.К. (42) од с. Требош, автобус со струшки регистарски ознаки, управуван од Д.Р. (57) од с. Ливада, Струшко, во автобус со кочански регистарски ознаки, управуван од Ф.О. (43) од Струмица и Д.В. (39) од с. Трсино, Виничко, автобус со тетовски регистарски ознаки, управуван од Е.С. (55) од Тетово и С.А. (48) од Тетово и автобус со гостиварски регистарски ознаки, управуван од Н.З. (28) од Гостивар било констатирано дека вршеле меѓународен превоз на патници без поседување соодветна документација. Од страна на Државниот инспекторат за транспорт се изречени соодветни санкции за возачите и возилата – информираа од МВР.
И ДИВИ ТАКСИСТИ ИМ ГИ ПРАЗНАТ ЏЕБОВИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ
Неодамна „Нова Македонија“ направи теренско истражување за проблемот со дивите таксисти во главниот град, по што излезе дека има повеќе диви отколку легални такси-возила во градот.
Дивите најчесто се на изглед исти како и лиценцираните, користат дури и табли од такси-компании што постојат со години на пазарот.
И, секако, привилегијата да паднете во рацете на див таксист ќе ве чини дупло поскапо отколку кај оној лиценцираниот.
Ако од Чаир до Центар се плаќа околу 150 денари, кога наивно ќе нагазите на ваков див таксист, ќе се олесните 100-150 денари плус, или околу 250-300 денари.
Кога јас, како дел од истражувањето, тогаш, го прашав таксистот дали ќе ми даде фискална сметка, бидејќи и јас мислев дека влегувам во лиценцирано такси-возило, возачот ми го даде следниот одговор: „Девојче, се борам за пензија и леб. Не сум лиценциран, не сум дел од ниту една такси-компанија. Мора да се бориме за да преживееме.“
Кога го прашав како тогаш вози под таблата на компанијата за која сите знаеме дека сѐ уште одлично функционира во градот, добив одговор дека така „лови“ повеќе патници, бидејќи граѓаните сѐ повеќе сакаат да се возат со легални такси-возила, кои работат по сите европски и светски стандарди и прописи.