Прилепското Основно јавно обвинителство отвори предистражна постапка за исчезнувањето на десетгодишниот Петар Џ. Како што информираат од Обвинителството обезбедени се изјави од двајцата родители на исчезнатото дете и од братот.
– Започнавме со предистражната постапка. Разговаравме со родителите на детето и 19-годишниот брат. Очекуваме дополнителни информации и од полицијата. Истрагата продолжува – велат од Обвинителството во Прилеп.
Десетгодишниот Петар исчезна во петокот попладнето, при што вечерта веднаш е започната потрагата по него. Од полицијата велат дека овие три дена цело подрачје е пребарано, но засега немаат никаква трага. Теренот е доста тежок, а и временските услови ја отежнуваат потрагата. Денеска се вклучени и хеликоптер и кучиња трагачи, како и многубројни доброволци. Биле вклучени и дронови со термални камери со цел да се најде детето, кое имало одредена попреченост.
Во моментот кога на Петар му се губи трагата било во дворот од куќата во село
Врбско, Мариово, каде родителите одгледувале пчели. Ка.М.