Осудата и дискриминацијата се едни од најотровните оружја со кои располагаат луѓето во делот од социјалниот (со)живот. Овие две екстремно лоши карактерни особини се причина за дискриминаторско однесување и омаловажување на онаа категорија граѓани што поради одреден вид попреченост не се идентични како другите. Токму затоа се потребни сериозни заложби, почнувајќи од градинките и училиштата, но и сите јавни и државни институции, за да се едуцираат граѓаните дека и оние малку поразличните се луѓе со право на живот и остварување на сите обврски што ги реализираат сите други. Токму затоа, за поздравување е акцијата на скопската градска администрација, јавните претпријатија и општините…
ГРАД СКОПЈЕ СЕ ВКЛУЧУВА ВО ШИРОКАТА КАМПАЊА ЗА ЛИЦАТА СО НЕВИДЛИВИ ПОПРЕЧЕНОСТИ
Осудата и дискриминацијата се едни од најотровните оружја со кои располагаат луѓето во делот од социјалниот (со)живот. Овие две екстремно лоши карактерни особини се причина за дискриминаторско однесување и омаловажување на онаа категорија граѓани што заради одреден вид попреченост не се идентични како другите. Токму затоа се потребни сериозни заложби, почнувајќи од градинките и училиштата, но и сите јавни и државни институции, за да се едуцираат граѓаните дека и оние малку поразличните се луѓе со право на живот и остварување на сите обврски кои што ги реализираат сите останати.
ГРАДОТ, ЈСП И КИСЕЛА ВОДА СО ПОДДРШКА НА ЛИЦАТА СО НЕВИДЛИВИ ПОПРЕЧЕНОСТИ
Не секоја попреченост е видлива и токму затоа луѓето треба да се внимателни во својот однос кон другите. Најчесто, осудата е таа со која веднаш реагираме кога ќе забележиме нестандардно однесување на поединец што спаѓа во категоријата граѓани со одредена попреченост.
Токму за таа цел, градските власти почнаа да работат на едукација на граѓаните, преку издигање на свеста за лицата со попреченост.
Акцијата се реализира за привлекување на вниманието на јавноста за лицата со невидливи попречености, во пресрет на Светскиот ден на свесност за аутизмот, 2 Април, кој се одбележува денеска (сабота). Град Скопје и ЈСП се вклучуваат во проектот „Сончогледи кон сонцето за видлива и невидлива попреченост“, во организација на здружението на граѓани „Куќа на среќата“, кое има за цел издигање на свеста за лицата со попречености преку инклузивната лента што ја носат овие лица.
– Во поголем дел од возилата од ЈСП-Скопје се залепени пораки „Разбери, прифати, сакај!“, кои укажуваат дека лицата што носат инклузивна лента се лица со попреченост и апелираат секој кон нив да биде трпелив, љубезен и подготвен да помогне. Пораките се залепени на видно место во возилата во ЈСП, но и во сите културни институции во рамките на градот Скопје, за сите посетители и корисници на јавниот превоз да ја прочитаат инклузивната порака за разбирање, прифаќање и сакање на лицата со различности, односно на лицата што се со видлива или невидлива попреченост – информираат градските власти.
Од „Куќа на среќата“ порачуваат „доколку забележите лице што ја носи оваа лента на врат, разберете дека ви испраќа порака, прифатете го неговото однесување и потреба“.
– Град Скопје е отворен за соработка со сите организации и здруженија и е подготвен да даде помош и поддршка во согласност со расположливите можности и околности – информираат од Градот.
Како што велат од Градот, во таа насока, во возилата на ЈСП Скопје и на жичницата им е дозволен превоз на лица со попречености со куче придружник, а се врши и организиран бесплатен превоз со специјални комбиња, лицата со попречености се ослободени од плаќање билет при користење јавен превоз.
Во рамките на повикот на здружението на граѓани „Куќа на среќата“, кој беше објавен до сите да се приклучат кон оваа иницијатива, една од првите општини што се јавиле на повикот е и Општина Кисела Вода. Од Општината со своите активности во рамките на нивната општина беа дел од обезбедувањето на инклузивните ленти, а на вратите на Општината се поставени едукативните постери што ја испраќаат пораката што треба да ја прифатиме сите.
– Повикот останува отворен кон сите општини и кон сите што сакаат да се приклучат и да бидат дел од инклузивната мапа – наведено е на фејсбук-профилот на „Куќа на среќата“.
АКТИВНОСТИ ЗА ПОЗДРАВ
Родителите на децата со невидливи попречености велат дека е добро што работите мрднале на подобро и што се вклучуваат општините и јавните градски претпријатија, за да се сврти вниманието кон децата што имаат некаков вид невидлива попреченост.
Факт е дека јавниот градски превоз е едно од местата каде што лицата со невидливи попречености се соочуваат со секаков вид осудувања и предрасуди.
Токму тука се прекрстуваат копјата, токму тука, во јавниот градски превоз, се случуваат осудите поради кои и е поведена ваквата акција.
– Како мајка на дете со аутистичен спектар ме радува дека оваа година има симболично одбележување на Интернационалниот ден на аутизмот. Секојдневното вложување во децата со аутизам ќе направи само поубаво општество за живеење за сите нас – вели Е.Ј.П., мајка на дете со аутизам.
Таа вели дека најчестите осуди што им се случуваат се токму во јавниот градски превоз, каде што се возат патници што никогаш порано не се сретнале со лица со невидлива попреченост.
– Моето дете, како дете што има аутизам, знае да изреагира на разни звуци, кочење или свирење во автобус. Тогаш почнува со неговите реакции, кои за многумина се чудни, па почнуваат коментари од типот, „разгалено“, „лошо“ и да не ги споменувам оние другите коментари што се навредливи. Токму затоа е потребно сериозно да се вложува во едукација на населението, за да се избегнат ваквите навреди кон децата и возрасните што имаат аутистичен спектар – вели таа.