Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија е зголемен бројот на умрени лица од насилна смрт за 54,6 отсто, во однос на претходната година, и изнесува 677 умрени лица. Умрените од насилна смрт учествуваат со 2,4 отсто во вкупниот морталитет. Во структурата на умрените од насилна смрт, според полот, и во 2021 година, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, и тоа 61,9 отсто
Убиства, самоубиства, починати во сообраќајки, несреќи на работно место, труења…, за жал, стануваат наше секојдневие
Насилната смрт, односно, самоубиствата, убиствата и ненамерната смрт со повреда имаат тенденција на пораст во Македонија. Загрижува фактот што тука нужно не значи дека пораснала бројката на убиства, туку воопшто, бројката на починати во сообраќајки, во пад на работно место, односно пад од голема височина, самоубиства, труење со разни штетни хемикалии и супстанции, задушени со чад, давење, а секако, во порастот на бројката значителен придонес имаат и починатите што умреле како последица од самоубиство.
Сосема случајно, статистичките податоци од оваа област за Македонија се појавија речиси истовремено со оние за соседна Србија, каде што, пак, за разлика од кај нас, значително расте бројката на убиства. Кои и да се причините, според статистиките на двете земји, насилната смрт од година на година е сѐ почеста помеѓу граѓаните, што е загрижувачки податок.
ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА УМРЕНИ ЛИЦА ОД НАСИЛНА СМРТ ЗА 54,6 ОТСТО
Според податоците на Државниот завод за статистика, објавени на 22 јуни годинава, во Република Македонија е зголемен бројот на умрените лица од насилна смрт за 54,6 отсто, во однос на претходната година, и изнесува 677 умрени лица. Умрените од насилна смрт учествуваат со 2,4 отсто во вкупниот морталитет. Во структурата на умрените од насилна смрт, според полот, и во 2021 година, како и во претходните години, поголемо учество имаат машките лица, и тоа 61,9 отсто.
Во вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат „несреќните случаи“ со 83,3 отсто, „самоубиствата“ со 15,5 отсто и „убиствата“ со 1,2 отсто.
Во категоријата „несреќни случаи“, најголемо учество имаат умрените лица од „други надворешни причини за случајна повреда“ со учество од 65,1 отсто во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.
Кај категоријата „самоубиства“ најголемо учество имаат случаите кај кои смртта настапила поради „бесење, странгулација и суфокација“ со учество од 8,3 отсто во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.
Во категоријата „убиства“, случаите кај кои смртта настапила поради „обид за нанесување телесна повреда со истрел од друго и од неозначено огнено оружје“ и поради „обид за нанесување телесна повреда на неозначен начин“, учествуваат со по 0,4 отсто во однос на вкупниот број случаи од насилна смрт.
ДВЕСТЕ УБИСТВА ГОДИШНО ВО СРБИЈА
Според истражувањето на Републичкиот завод за статистика на Србија, во оваа земја годишно има 200 убиства, што, според експертите, е мошне голема бројка. Соседна Србија важи за земја каде што подземјето царува, па не изненадува фактот што бројката на убиства е толку висока. Убиствата се последица од развиениот организиран криминал и тоа е една од главните причини поради кои бројката на убиства е во пораст.
Минатата година, за убиство, во Србија биле осудени 75 лица, додека за тешко убиство се изречени затворски казни за 31 лице. За тешки телесни повреди се осудени 546 лица.
Според тамошната статистика, најчести сторители на овие кривични дела се лица на возраст од 30 до 39 години, односно, 7.417 мажи и 777 жени на таа возраст.
Во Србија, за жал, расте стапката на криминалитет кај малолетниците. Полицијата поднела три кривични пријави против малолетници за убиство и дури 55 за нанесување тешки телесни повреди.