Да потсетиме дека секоја година црните хроники бележат рафално пукање на свадби и веселби, а честопати имало и повредени од заскитани куршуми. Ни овие случаи не се истражени и санкционирани докрај, а неконтролираното пукање продолжува да зема данок. Завчера, 59-годишна жена заврши во болница со прострелна рана во рамото, како последица од залутан куршум во Тетово. Според информациите, куршумот, најверојатно, бил испукан на семејна прослава
СЀ ПОГОЛЕМА БРОЈКАТА НА ЛУЃЕ ШТО стрелаат од огнено ОРУЖЈЕ, било легално или илегално
Проблемот со поседување и носење оружје со или без дозвола со последниве неколку случаи, особено со оние кај плоштадот „Скендербег“, потврдуваат дека опасноста од поседувањето илегално (па и легално) оружје не е намалена и дури има тренд на зголемување. Случајот со повредите на нашата сограѓанка во Тетово од залутан куршум е уште еден доказ дека опасноста е присутна. Секојдневните рафали од автоматско оружје што ги слушаат жителите на Ѓорче Петров од соседните села Сарај, Грчец и Кондово, но и чаирчани и бутелчани, дополнително укажуваат дека граѓаните поседуваат дури и автоматско оружје, кое со закон е забрането да се наоѓа во посед на цивили.
ПИШТОЛЏИИТЕ ОД ПРОТЕСТИТЕ да бидат пример за репресивната политика на државата за нелегалната употреба на оружје
Јавноста во земјава неодамна силно се вознемири кога за време на граѓанските протести против францускиот предлог, три лица на влезот на Старата скопска чаршија извадија огнено оружје, а некои од нив дури и го употребија?!
Набргу, следуваше разврска. Полицијата, на шести јули, го уапси четириесетгодишниот Е.Ј. од Скопје, кој, пред банка спроти споменикот „Скендербег“, за време на протестите извади пиштол и пукаше во воздух, додека група демонстранти се движеа на потегот од Владата кон Министерството за надворешни работи. Е.Ј. беше приведен во полициска станица, а на местото беа пронајдени чаури.
Второто лице, С.Р.(34) од Скопје, беше уапсено на седми месецов. Полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни деликти при СВР-Скопје во полициска станица извршија службен разговор со С.Р. (34) од Скопје, кој беше идентификуван од страна на полицијата како лице што за време на инцидентот во близината на споменикот „Скендербег“ држел пиштол во раката, но не го употребил. Пиштолот беше предаден за вештачење, а за случајот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.
Завчера беше уапсено и третото лице што извади пиштол за време на протестите. Полицијата го уапси Р.А. (29) од Скопје. Тој се сомничи дека на 6.7.2022, околу 19.30 часот, на булеварот Гоце Делчев во Скопје, поточно на плоштадот „Скендербег“, испукал со пиштол. Од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал е извршен претрес во неговиот дом, пиштолот е одземен, а во координација со јавен обвинител против Р.А. е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво по чл. 288 од Кривичниот законик. Лицето е изведено пред судија на претходна постапка.
Истрагата темелно да ги расветли СЛУЧАИТЕ СО ИЛЕГАЛНО ОРУЖЈЕ, за да
следува прецизна пресуда
Полицијата треба да продолжи со сеопфатна истрага за познати групи што изразуваат насилно учество во толпа, за кои постојат сомневања дека имаат огнено оружје.
Освен огнено оружје, за време на протестите пред Собранието, јавноста беше сведок и на фрлање молотови коктели. Полицијата веќе уапси две лица што подготвувале молотови коктели и ги фрлале кон зградата на Собранието. И овие случаи, заради безбедноста на граѓаните, треба да се истражат докрај.
Наедно, да потсетиме дека секоја година црните хроники бележат рафално пукање на свадби и веселби, а честопати имало и повредени од залутани куршуми. Ни овие случаи не се истражени и санкционирани докрај, а бесцелното пукање продолжува да зема данок. Завчера, 59-годишна жена заврши во болница со прострелна рана во рамото, како последица од залутан куршум во Тетово. Според информациите, куршумот, најверојатно, бил испукан на семејна прослава.
ПОЛИТИЧАРИТЕ стравуваат ОД „ЦРНОТО“ ОРУЖЈЕ
Дека илегалното поседување оружје претставува опасност за сите, вклучувајќи ги и политичарите, говори и фактот што откога почнаа протестите против францускиот предлог и политичарите се на штрек.
Во прилог на тоа дека и политичарите се вознемирени и уплашени за својата безбедност оди и информацијата што ја пласираа некои медиуми, дека претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, го откажа гостувањето во емисија на ТВ 21 од безбедносни причини. Според истите извори, образложението било дека просториите на телевизијата се наоѓаат во непосредна близина на Собранието, каде што ескалираа протестите.
Исто така и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, истакна дека веќе подолго време добива закани за атентат. Тој дури укажа дека на денот кога се случи инцидентот со пукањето на плоштадот пред Старата чаршија, наводно, тој требало да биде цел на атентат.