Пронајден е автомобилот „бмв“ со косовски таблици и безживотните тела на тројцата патници во реката Лепенец, во близина на местото каде што вчера падна по сообраќајна несреќа, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи за МИА.
– Од страна на полициски службеници од Специјалната антитерористичка единица Тигар, денеска во реката Лепенец се пронајдени починати трите лица по кои се трагаше по вчерашната сообраќајна несреќа на патот Скопје –ГП Блаце – информираат од МВР.
Оттаму велат дека е пронајдено и возилото „бмв“ во кое тие се превезувале, а се потврдуваат и претходните информации дека по наредба на јавен обвинител, возачот на возилото „фолксваген туран“ Б.Б. е приведен.
Вчера попладне во возилото „бмв“ со косовски таблици удрил „фолксваген туран“ со скопски таблички по што возилото паднало во реката Лепенец. Во него се возеле четири патници, членови на едно семејство, од кои 21-годишно момче е спасено и однесено во болницата „8 Септември“ во Скопје. Во возилото биле и неговата мајката, таткото и 16-годишниот брат.