Во ноќта меѓу 27 и 28 март, во периодот од 20:00 до 03:00 часот, полициски службеници од СВР Скопје спроведоа засилени контроли на подрачјето на Општина Карпош и Општина Кисела Вода, опфаќајќи повеќе угостителски објекти и казина.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, во Карпош биле контролирани шест угостителски објекти, две казина и други објекти. При акцијата, едно лице било лишено од слобода поради поседување дрога, додека три лица биле приведени за утврдување на идентитет.
Дополнително, била изречена една мерка по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и 37 мерки по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Две возила биле подигнати со специјално возило „пајак“.
Во Општина Кисела Вода, пак, контролите биле реализирани во координација со инспектори од Државниот пазарен инспекторат, при што биле проверени седум казина и седум угостителски објекти.
Во шест казина биле утврдени прекршоци поврзани со Законот за пушење, Законот за лична карта и Законот за приватно обезбедување. Кај еден угостителски објект било констатирано дека нема дозвола за летна тераса, додека кај друг бил утврден прекршок за пречекорено работно време.
За сите констатирани неправилности се изречени соодветни санкции, информираат од МВР

































