Полицијата вчера после полноќ привела вработен во ЈП „Комунална хигиена Скопје“ кој заедно со уште неколку лица физички нападнале вработен кој во моментот ги извршувал своите работни задачи.
– Денеска (10.7.2023) во 00.05 часот на подрачјето на Гази Баба полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Ц.(28) од Скопје, вработен во ЈП Комунална хигиена Скопје, поради тоа што на 9.7.2023 околу 23.30 часот во трговски центар на подрачјето на Гази Баба, заедно со Д.Д. и уште неколку лица, физички го нападнале Д.С.(37) од Скопје, додека ги извршувал своите работни задачи како вработен во истото претпријатие – соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму дополнуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на лицата, а по неговото документирање од страна на Единицата за насилен криминал ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „насилство“, по член 386 од Кривичниот законик.
Полицијата исто така затекнала лица кои не се вработени во скопска „Комунална хигиена“ а протестирале во кругот на претпријатието. Станува збор за лица, чии договори за работа се раскинати од страна на директорката Косана Мазнева. Според МВР, на протестот имало околу педесет лица.
– Во Полициска станица Гази Баба е пријавено дека во јавно претпријатие на подрачјето на Гази Баба дел од вработените одржуваат протест, а меѓу нив се и лица кои не се вработени во претпријатието. Од страна на полициски службеници веднаш е излезено на лице место, при што било констатирано дека околу 50 лица протестираат и ги попречуваат останатите вработени во извршувањето на работните обврски – велат од МВР.
Посочуваат дека лицата кои не биле вработени, а ја блокирале работата на претпријатието се приведени. Според информациите од вработени во „Комунална хигиена“ станува збор за четворица, кои биле ангажирани со договор на дело, кој директорката Мазнева им го раскинала.
– Со полициска интервенција возилата ангажирани за собирање на сметот биле пропуштени да излезат од капијата, а лицата кои не се вработени, а биле затекнати во кругот на претпријатието ќе се соочат со законски предвидените поднесоци – додава МВР.