Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неодамна, сообраќајната полиција кај битолчанец измери неверојатни 4,28 промили алкохол, а за да биде ситуацијата уште посериозна, лицето управувало со моторно возило додека било во толку алкохолизирана состојба. Исто така беше фатен возач со 3,20 промили алкохол во крвта, а пред повеќе од две недели, сообраќајната полиција фати возач со 4,14 промили алкохол во крвта

Празниците се веќе на прагот, а со тоа доаѓаат и предновогодишните прослави со друштво, со колеги, а секако тука е и големото финале – Нова година.
За празниците речиси секогаш најголем проблем е консумирањето алкохол, кој, за жал, се консумира во енормно големи количества и притоа се седнува зад волан и се управува моторно возило?!
Иако не е забрането да се напиете една чашка алкохол, сепак, доколку седите зад воланот, најдобро е да заборавите на алкохолот, бидејќи и една чашка од најслабиот алкохол, може негативно да влијае на вашето свесно расудување како учесник во сообраќајот.

СЕ РУШАТ РЕКОРДИ на дрегер-читачите за алкохолизираност на возачите

Македонците ги бие глас дека се боеми, кои сакаат да се напијат понекоја чашка повеќе алкохол, посебно ако за тоа постои повод. Па, така, изминатиот период сме сведоци на зголемен број санкции од страна на Министерството за внатрешни работи, изречени токму на возачи што биле затекнати да управуваат со возила под дејство на алкохол.
Сето тоа се должи на претстојните празници и претпразнични прослави, кои главно се организираат со големи количества алкохол и музика.
Според статистиката на МВР, најголем број алкохолизирани возачи се откриени во Скопје, Битола, Прилеп…
Неодамна, сообраќајната полиција кај битолчанец измери неверојатни 4,28 промили алкохол, а за да биде ситуацијата уште посериозна, лицето управувало со моторно возило додека било во толку алкохолизирана состојба.
Исто така беше фатен возач со 3,20 промили алкохол во крвта, а пред повеќе од две недели, сообраќајната полиција фати возач со 4,14 промили алкохол во крвта.

ПЕТ ПРОЦЕНТИ ОД ВОЗАЧИТЕ ЧЕСТО ВОЗАТ ПОД ДЕЈСТВО НА АЛКОХОЛ

Истражувањата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата покажуваат дека 80 проценти од возачите во Република Македонија барем еднаш во животот возеле под дејство на алкохол, а пет проценти го прават тоа често.
– Овој податок покажува зошто се гине на патиштата во Македонија. На прашањето како да се стави крај на таа лоша навика, следува логичен одговор: прво и основно, контроли и казни за сите што не го почитуваат законот, за сите, без исклучок, кои ги загрозуваат животот и безбедноста на учесниците во сообраќајот. Казните даваат ефект, но дали сите можат да бидат контролирани, дали сите можат да бидат казнети? Што е со свеста и со одговорноста?
Ако 80 отсто од возачите некогаш возеле под дејство на алкохол, а 5 отсто го прават тоа често, иако нема официјален податок, многу веројатно е дека 85 отсто од возачите не се казнети за возење под дејство на алкохол. Ова покажува дека возачите се многу вешти во избегнување на контролите, но истовремено покажува и дека не се свесни за опасностите од возење во пијана состојба – наведено е на интернет-страницата на РСБСП.
Според нив, оние пет проценти што возат често под дејство на алкохол се за секаква осуда.
– А што станува со другите 80 отсто, кои еднаш, двапати, понекогаш, малку или малку повеќе пијани возат и се сметаат себеси за одговорни и за безбедни возачи? Тие, дури 80 отсто од возачите, се еднакво опасни и несвесни како и другите пет процент. Разликата е во тоа што оние што често возат пијани не размислуваат за ништо, а другите 80 отсто што понекогаш возат пијани, размислуваат, ама бараат изговори: „Се случи еднаш“, „Јас и пијан сум совесен и одговорен“, „Јас и пијан сум способен да возам“, „Еднаш, двапати не е страшно, нема сигурно веднаш да се случи незгода“, „Не е важно дали сум пијан, важно не возам брзо“, „Не бев многу пијан, инаку не возам“ и многу други – информираат оттаму.

Статистички информации за прекршителите на безбедноста на патиштата во ЕУ

Една од четири сообраќајни несреќи во Европската Унија или 25 проценти од незгодите се случуваат како последица на возењето во алкохолизирана состојба. Дури 96 проценти од луѓето инволвирани во ваквите несреќи се мажи, од кои 33 проценти се млади на возраст помеѓу 15 и 34 години. Според статистичките податоци на Европската комисија, секоја година во ЕУ умираат најмалку десет илјади лица како последица на алкохолот.
Во земјава, пак, само минатата година се случиле 248 сообраќајки како последица на користењето алкохол.
Статистиката на ниво на Европа покажува дека младите лица на возраст од 18 до 24 години имаат поголем ризик да бидат дел од ваквите несреќи, а дури 25 проценти од нив се корисници на алкохол.
Според податоците во Италија, од 30 до 35 проценти од сообраќајките се како последица на возењето во алкохолизирана состојба. Според анализите, дури 13,8 проценти од возачите не донеле одлука да не пијат алкохол пред да влезат и да управуваат моторно возило. Помеѓу нив, дури 8,2 проценти воопшто не ни мислат дека алкохолот влијае на нивното однесување додека возат.
Според Светската здравствена организација, главните причини за сообраќајни несреќи на патиштата се преголемата брзина, некористењето на безбедносните уреди и возењето во алкохолизирана состојба.

[email protected]