Центарот за управување со кризи, утринава информираше дека се случил пожар во магацин за производство на полиестер.
– Територијалната противпожарна единица Гостивар, од 00:45 часот со девет пожарникари и 3 противпожарни возила интервенираат на опожарен објект во село Неготино во општина Врапчиште. Се работи за магацин за производство на полиестер кој се состои од три објекти, при што два се целосно изгорени, додека третиот е делумно изгорен- информираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека од страна на ТППЕ Гостивар побарана е и добиена помош од ТППЕ Тетово со четири пожарникари и едно противпожарно возило кои интервенирале до 04 часот.
– Итната медицинска помош од Гостивар известува дека еден пожарникар при интервенцијата паднал од скали и се здобил со повреди поради што е однесен во Ургентниот центар во Клиничката Болница во Гостивар. Пожарот е локализиран во 05:30 часот, но се уште има жар и чад поради што ТППЕ Гостивар сеуште се на терен – велат од ЦУК.
Не се познати причините за настанување на пожарот.