Фото: З.А.

Пожарите кои пред 3-4 дена избувнаа во Кичевско-Бродскиот регион се уште се активни но сепак се ставени под контрола и под целосен надзор на екипите задолжени за пожари. Најтежок терен за гасење на пожарот е над селото Бачишта, каде беше речиси невозможно да се интервенира како од воздух така и со противпожарно возило. Во изминатиот ден врз овој пожар од воздух беше интервенирано дури во 16 наврати со два авиони. Пожарот во Бродско е ставен под контрола, но во жариштето се уште согоруваат дрвјата зафатени од огнената стихија.

-Пожарот кој во понеделникот избувна во атарот на селата Русјаци и Ореовец е се уште активен но е ставен под контрола и нема закана од негово проширување. За негова контрола задолжени се екипа на вработени од Шумското стопанство како и од ТППЕ Македонски Брод. За негово целосно ликвидирање се чини ќе мора да ги почекаме најавените врнежи од дожд за време на викендот, кои се добредојдени за целосно гасење на опожарените површини кои се протегаат на површина поголема од еден хектар – информираа од РЦУК Македонски Брод.

Крај пожарите во Бачишта и под превојот Стража се уште се наоѓаат екипи на Шумското стопанство „Лопушник“ од Кичево, кои со прирачен алат и мешини не дозволуваат огнената стихија да се прошири на нови површини а за снабдување со вода задолжен е ТППЕ Кичево. Инаку од овие пожари гори сува трева, ситно стеблеста шума и наталожено лисје на подлогата а мал дел од пожарот е проширен и на шумскиот појас.

З.А.