Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против едно лице на возраст од 21 година, за кого постои основано сомнение дека сторил продолжено кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и кривично дело – Противправно лишување од слобода согласно 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Почнувајќи од декември 2022 година, осомничениот вршел семејно насилство врз 19-годишна жена со која живеел во вонбрачна заедница. Жртвата подолг временски период ја држел заклучена во една соба и секојдневно физички ја малтретирал, нанесувајќи и бројни телесни повреди. Жената искористила прилика кога во еден момент осомничениот ја заборавил отклучена вратата, успеала да побегне и настанот го пријавила во полиција.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот на обвинителството и со решение му определи притвор на осомничениот во траење од осум дена.