Приказната за пропаднатата швајцарска банка што не го изненади банкарскиот свет

Деновиве светската јавност е силно вознемирена поради најновите сознанија за работењето на Кредит свис, 19-та најголема банка во Европа, која драматично пропадна, станувајќи најголемата жртва на банкарската индустрија од кризата во 2008 година. Стравувањата се зголемуваат дека таа би можела да биде само првата во низата што ја опфаќа светската банкарска верига.
Во оваа ситуација не може, а да не се потсетиме на искажувањата на македонски банкари, вработени во различни банкарски структури надвор од Македонија, кои изминативе години во неколку наврати ги изнесуваа своите стравувања дека поради системот на работа и чудните финансиски пласмани на ИВА, но и на други банки, може да дојде до непосакуван епилог. За жал, нивните стравувања се остварија, и тоа во многу подрастична форма од тоа што младите луѓе банкари го навестуваа, а за волја на вистината малку кој и од нивните соговорници беше убеден дека се во право, односно дека на таков банкарски гигант може да му се случи таков бродолом.

Што точно се случи со Кредит свис и каков е епилогот?

Во 2022 година загубата на Кредит свис изнесуваше седум милијарди швајцарски франци, највисока од 2008 година, по што беше најавено дека во 2023 година загубата ќе биде уште поголема. Ваквата информација предизвика, од последните три месеци од 2022 година до откривањето на вистинскиот обем на кризата, клиентите да повлечат над 110 милијарди швајцарски франци.
Во финансискиот извештај за 2022 година, самата банка призна „слабости“ во внатрешните финансиски контроли, што го потврдија и независните ревизори од „Прајсвотерхаус куперс“. Едноставно, никој не контролирал (или не добро) кому и под кои услови се нудат финансиски услуги. Поради наведените проблеми со внатрешната контрола, високите судски казни и, следствено, губењето на довербата кај клиентите и инвеститорите, банката никогаш не закрепна од финансиската криза од 2008 година. Во 2007 година нејзините акции се тргуваа за 80 евра по акција и повеќе, а сега ги купи друга банка за 0,82 евра по акција. Спектакуларен пад на некогашниот гигант.
Интересно е да се знае дека и покрај сѐ, на почетокот на март годинава, банката доби заем од 54 милијарди долари од Швајцарската национална банка во неуспешен обид да ја одржи ликвидноста и да ја врати довербата кај инвеститорите. Премолченото оправдување за спасувачкиот пакет беше дека неговиот банкрот ќе се прошири низ финансискиот сектор и со тоа ќе предизвика голема економска криза.
На крајот, втората по големина швајцарска банка доби спас од најголемата швајцарска банка УБС, но со големи државни гаранции. Преземањето беше договорено преку Швајцарската национална банка, која на УБС ќе ѝ обезбеди ликвидност од 100 милијарди швајцарски франци. Заедно со заемите што Кредит свис веќе ги доби директно, тоа се повеќе од 160 милијарди долари заеми од Швајцарската национална банка. Според централната банка и самата држава, обезбедени се вкупно 280 милијарди долари за „поддршка“ на двете банки, што е дури една третина од швајцарскиот БДП.
Во таква ситуација, дури и саудиската национална банка, централната банка на Саудиска Арабија, загуби повеќе од една милијарда долари. Таа беше најголемиот акционер со речиси 10 отсто од акциите.

Ќе донесе ли спас УБС

Спасувањето на Кредит свис од страна на најголемата швајцарска банка УБС се очекува да резултира со укинување десетици илјади работни места, а швајцарскиот финансиски сектор веќе се подготвува за тешкиот удар, дел од спорното преземање. Домашното работење на Кредит свис и нејзината инвестициска банка, кои заедно вработуваат повеќе од 30.000 работници, се очекува да го сносат најголемиот дел од кратењата, според оние што се запознаени со плановите на УБС.
Премногу е рано точно да се процени за колку вкупно отпуштања се работи, но тоа би можело да биде дури една третина од 120.000 работни места на комбинираната група, бидејќи УБС ќе затвори голем број филијали од својот конкурент каде што веќе им се преклопуваат локациите и улогите на домашниот пазар, пренесува „Фајненшл тајмс“.
Договорот за преземање беше организиран од швајцарските власти во текот на викендот, откако тие изразија сериозна загриженост од стапката на повлекувања од клиентите што банката ја претрпи минатата недела.
Ситуацијата околу евентуалното избивање банкарска криза во Европа се очекуваше да се смири откако најголемата швајцарска банка УБС се согласи да ја купи втората по големина швајцарска банка, Кредит свис. Но пазарите не реагираа добро на веста, па понеделникот, 20 март, донесе уште лоши вести.
Цената на акцијата на Кредит свис драстично падна од почетокот на денот, за повеќе од 60 отсто. До крајот на денот, цената малку закрепна, но сепак ова е пад на цената за повеќе од 50 проценти за само еден ден. Ниту УБС не остана неповреден; на почетокот на тргувањето цената падна за 15 отсто, што беше компензирано до крајот на денот.
Крајот на банкарската криза не е на повидок, а постојано излегуваат нови информации за можно прелевање на загубите на другиот дел од финансискиот сектор, а со тоа и на целата економија.

Пошироки реперкусии

Банкарската криза во Швајцарија, предизвикана од колапсот на влијателната банка Кредит свис, која беше преземена од нејзиниот главен конкурент УБС по налог на властите во Берн, влијаеше на светските финансиски пазари да се оддалечат од користењето на швајцарскиот франк во тргувањето. Ова го наведуваат светските економски медиуми, кои потсетуваат дека швајцарскиот франк традиционално важеше за една од четирите валути што даваат безбедно засолниште, заедно со еврото, американскиот долар и јапонскиот јен. Се додава дека пошироките финансиски пазари во остатокот од Европа се релативно стабилни, при што еврото и британската фунта значително зајакнаа, додека во Азија јенот расте уште повеќе.
Ова е типичен пример за тоа како инфекцијата се шири низ системот. Ако инвеститорите одеднаш помислат дека нивните обврзници се поризични од вообичаеното, тоа може да доведе до масовна продажба, што ги намалува цените и ја поткопува довербата во целиот систем. Доколку неочекуваното отпишување на вредноста на обврзниците доведе до широка промена на цените, банките би можеле да бидат сведоци на значително зголемување на трошоците за нивното финансирање, што би можело да ги влоши веќе постојните проблеми, предупредуваат аналитичарите на Џи-пи Морган.
За да ги смират нервите по швајцарската одлука, трио европски чувари – Единствениот одбор за резолуција, Европската банкарска управа и надзорната група на ЕЦБ – објавија заедничка изјава за да ги смират инвеститорите, ветувајќи дека акционерите ќе бидат првите што ќе настрадаат во случај на пропаѓање на банки на ЕУ.
Сепак, колапсот на Кредит свис отвора сериозни прашања за тоа дали системот бил толку стабилен како што се мислеше првично.

Мрачно минато

Најновиот случај ги врати сеќавањата на долгата историја на скандали, вклучувајќи бизнис со некои од најголемите криминалци во светот, финансирање криминални активности и водење бизнис со клиенти познати по кршење на човековите права. Тоа е шарена листа; меѓу клиентите имало трговец со луѓе од Филипините, шеф на берзата во Хонгконг затворен за поткуп, милијардер што наредил убиство на својата девојка, либански поп-ѕвезди, директори што ја ограбиле државната нафтена компанија на Венецуела, како и корумпирани политичари од Египет до Украина.
Токму поради овие практики банката ја изгуби довербата на другите клиенти и се здоби со репутација на „банка за криминалци“. Во октомври, судот во Швајцарија ја осуди за „перење пари“ на наркомафијата од Бугарија. Судот утврди недостатоци во Кредит свис и во управувањето со односите со клиентите со криминалната организација и во следењето на спроведувањето на правилата за спречување на перењето пари.
Банката ангажираше поранешен извршен директор на осигурување, Тиџане Тиам, како директор во 2015 година за да ја направи банката профитабилна откако зголемената регулатива го ограничи нејзиното работење. Тиам започна масовна програма за реструктурирање, намалувајќи илјадници работни места, како и трошоците и намалување на Одделот за инвестициско банкарство. Проблемите се појавија кога Одделот за инвестициско банкарство почна да го губи чекорот со своите конкуренти. Уште полошо, таа се вплетка во серија скандали со загуба, вклучувајќи и загуба од 5,5 милијарди долари поврзана со колапсот на хеџ-фондот „Аркигос“.
Шпионскиот скандал, во кој банката ги надгледуваше сопствените вработени, го принуди директорот да си замине. Одборот на директори се сврте кон Томас Готштајн и му ја понуди функцијата извршен директор. Тој вети дека ќе ги продолжи напорите на Тиам за реструктурирање на банката, но призна дека треба да се направи повеќе за да се решат длабоко вкоренетите проблеми.
Во 2021 година, банкарскиот гигант беше потресен од вмешаноста во пропаднатата финансиска компанија „Гринсил капитал“. Банката уште еднаш беше принудена да преземе голем отпис и Готштајн мораше да поднесе оставка.
Новиот план, откриен во 2022 година под водство на последниот извршен директор на банката, Улрих Корнер, повика на натамошни кратења во Одделот за инвестициско банкарство, како и нов фокус на управувањето со средства и другите основни бизниси. Банката вети дека ќе се справи со нејзината култура и практики за управување со ризик за да спречи идни скандали. Но почетокот на војната во Украина и наметнувањето санкции ја оневозможија банката да управува со имотот на некои од нејзините најбогати клиенти.
Плановите за одвојување на инвестициската гранка на групацијата под оживеаниот бренд „Кредит свис фрст бостон“, која работи надвор од Њујорк, запреа во февруари кога стана јасно дека банката ќе има проблем да најде инвеститори за финансирање на операцијата поради стравувањата за тоа како ќе бидат рангирани доверителите во случај на неуспех на целата група.
Бидејќи немаше повеќе простор за маневрирање, почна да се чини дека пропаста беше само прашање на време.

Подготвил: Mарјан Велевски