Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Уште пред неколку недели, екипата на „Нова Македонија“ ги обиколи пазарите, при што на Бит-пазар веќе слободно, без задршка или сокривање, се продаваа разни огномети, ракети и петарди. Сега количеството што се продава е двојно, па и тројно зголемено. Се продава по кутии, од рака, а се нуди и по принципот „шепнување на уво“, па ако некој заинтересиран сака да купи, ќе мора да го чека продавачот за да му донесе пиротехника од „магацин“

Како што одминуваат деновите до Нова година, така се зголемуваат користењето и илегалната продажба на пиротехнички средства. Понудата на пазарот е веќе голема и вклучува сѐ, од петарди до разни ракети, топовски удари и огномети, за кои не само што не е докрај истражено потеклото туку е дискутабилен и самиот квалитет. Попусти се апелите на надлежните да се избегнува користењето пиротехника, а изгледа не се доволни ниту акциите на полицијата за спречување на илегалната продажба на најразлични видови пиротехнички средства.
И ова не е проблем само во нашата земја. Илегална продажба на пиротехника неодамна евидентира и Европол, кој спроведе акција за нејзина заплена.

НИТУ ЕДЕН ДЕКЕМВРИ НЕ Е БЕЗ ПЕТАРДИ И НЕ Е БЕЗБЕДЕН

Секоја година, традиционално во декември, како што изминуваат деновите до денот Д, односно до дочекот на новата година, така е сѐ позабележливо користењето пиротехника.
Иако во земјава пукотниците од огнометите и петардите не изостануваат ни во текот на целата година, сепак она што е забележливо во овој период е тоа што се пука неконтролирано, до тој степен што воздухот освен што мириса на загаденост, има мирис и на барут.
Уште пред неколку недели екипата на „Нова Македонија“ ги обиколи пазарите, при што на Бит-пазар веќе фреквентно се продаваа разни огномети, ракети и петарди. Сега количеството што се продава е двојно, па и тројно зголемено. Се продава по кутии, од рака, се нуди по принципот „шепнување на уво“, па ако некој заинтересиран сака да купи, ќе мора да го чека продавачот за да му донесе пиротехника од „магацин“.
Дека тоа е така говори и фактот што полицијата досега открила и запленила 100 илјади парчиња пиротехника, од кои само четири илјади се во Куманово.
– Уште еднаш сакам да упатам апел до сите граѓани, пред сѐ до младите, и да порачам дека нема убавина во прославување со пиротехника, поради тоа што во сериозност се ставаат здравјето и животот на сите. Да прославуваме на начин што ни причинува задоволство, но никако со оружје или пиротехника, со кои можеме да го загрозиме сопствениот и животот на најблиските и околината – апелираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Факт е дека како што ќе наближуваат деновите до крајот на старата и почетокот на новата година, а поучени од изминатите години, бројката на пиротехника во земјава, особено во Скопје, значително ќе се зголемува.

ЗАПЛЕНЕТИ 250 ТОНИ ПИРОТЕХНИКА ВО ГЕРМАНИЈА

Во овој период од годината и Европол мака мачи со нелегални огномети наменети за потрошувачите. Германската и холандската полиција, во соработка со Европол, успешно запленија големо количество нелегален огномет наменет за холандскиот пазар. Инспекторите откриле околу 250 тони огномет што биле складирани во бункерски комплекс во Германија, на околу 20 километри од границата со Холандија.
Осомничените инволвирани во оваа незаконска шема се обиделе да ги заобиколат строгите прописи за продажба на огномет, криејќи се зад фасадата на легална фирма, регистрирана за продажба на овластен огномет.
Во земјите што се дел од европското семејство трговијата со огномет е многу строго регулирана поради опасниот аспект на стоката, во случајов пиротехниката. Строго е забранета продажба на тежок огномет, тука се мисли на оној што ние во земјава го гледаме за официјалниот пречек на Нова година, организиран од специјализирани фирми, кој има ефект на т.н. „бомба“.
Едногодишната истрага откри холандска криминална мрежа што илегално тргувала со опасни силно експлозивни огномети. Истрагата била започната во 2021 година, врз основа на анонимна дојава, заедно со разузнавачки информации од други истраги, за трговија со нелегален огномет.
Осомничените го складирале тешкиот огномет на необезбедени локации, додека нелегално им ги продавале овие екстремно опасни огномети на заинтересираните купувачи – и покрај тоа што таквите огномети биле забранети за отворена продажба. Нелегалното складирање и продажба на такви високорегулирани експлозивни материјали претставува сериозен ризик за безбедноста на корисниците, а исто така и за луѓето што живеат во областите околу складиштата.
За потсетување, во ноември годинава веќе беа запленети 350 тони нелегален разорувачки огномет, со комерцијална вредност до 25 милиони евра, и тоа повторно во Германија и во Холандија.


Огномет за кражба, не за прослава?

Она што загрижува, според анализите на Европол, е „новиот тренд“ на користењето на пиротехничко-експлозивните средства за да се направи огномет. Имено, ако материјалите за огномет се во соодветно количество и соодветно искомбинирани од неколку супстанции, тие може да предизвикаат стравотно разорни детонации.
Според Европол, тоа им е познато на криминалците и на криминалните организации, при што тие веќе почнале да ја користат пиротехниката како ефикасно убиствено минско-експлозивно средство, со чија помош криминалците или криминалните организации зачестено извршуваат тешки кривични дела.
Криминалните мрежи исто така ги користат најтешките категории на огномет, како огнометот што го споменавме погоре. Дел од таа разорувачка пиротехника бил наменет и за криминалните организации и поединци за да извршат насилство или да ги олеснат своите криминални активности при напади на банкомати.
Досега се забележани конкретни примери на користење пиротехника за насилни пресметки „една против друга криминална група“, како и за „напади и кражба на банкомати“ во Германија.

[email protected]