Во интервју за „Нова Македонија“, професорот Козарев објаснува за безбедносните ризици и закани во деловниот свет, за односот на корпоративната безбедност кон зајакнувањето на економската безбедност, наспроти актуелните ризици и закани за деловниот свет, како и за начинот за зголемување на безбедноста на деловното работење

ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р АТАНАС КОЗАРЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА ЗА КОРПОРАТИВНА БЕЗБЕДНОСТ

Деловниот свет се соочува со современи безбедносни ризици и закани, кои имаат сериозно влијание врз деловното работење. Дали постои волшебна формула за современ и системски пристап во организирањето на деловните субјекти наспроти сложеното деловно опкружување?
– Современите ризици и закани, а во тој контекст и безбедносните, несомнено дека имаат клучно значење за деловното работење. Притоа, нивните последици уште повеќе ги отежнуваат деловниот амбиент и остварувањето на стратегиските деловни политики. Пандемијата на ковид-19 како понова здравствената закана доведе до тектонско поместување на темелите на сите бизниси, затоа што се покажа дека ниту еден сегмент од деловниот свет не беше имун на оваа пандемија. Според „Глобал рискс рипорт 2022“, економските предизвици што произлегуваат од пандемијата сѐ уште се присутни. Се очекува глобалната економија да биде помала за 2,4 отсто до 2024 г. отколку што би била без пандемијата. Растењето на цените на суровините, инфлацијата и долгот се нови ризици. Државниот долг на глобално ниво се зголеми за 13 процентни поени, на 97 отсто од БДП, во 2020 година. Веќе затегнатите јавни финансии во земјите во развој се изложени на зголемен ризик од раздолжување на долгот и апрецијација на американскиот долар – индексот на американскиот долар порасна за 7 отсто од почетокот на 2021 година. Конечно, различното економско закрепнување ја загрозува соработката за глобалните ризици. Значи, надворешните и внатрешните фактори го остваруваат своето влијание и понекогаш предизвикуваат значајни потреси и пред најуспешниот менаџмент или стратегија за развој. Бизнисот повеќе од кога било се трансформира во согласност со адекватен модел, кој мора да вклучува стратегиско управување. Во однос на барањата за современ и системски пристап како најделотворен за одговор на овие ризици и закани, нашата перцепција е дека денешните компании сѐ повеќе се фокусирани кон високотехнолошки безбедносни решенија, кои поради своите иновативни технологии и напредни карактеристики надалеку ги надминале сите класични решенија. Оттука, неоспорно е дека изминатата деценија се одликува со темелни промени во остварувањето на деловните политики на современите корпорации.
Каков е односот на корпоративната безбедност кон зајакнување на економската безбедност наспроти актуелните ризици и закани за деловниот свет?
– Експертите за корпоративна безбедност во регионот и пошироко се фокусирани кон остварување на нејзините функции (собирање информации и процена на ризик, подготовка на деловните организации за вонредни и кризни ситуации, обезбедување и заштита на виталните деловни интереси, превенција на инцидентни ситуации, заштита на деловната тајна, деловна интелигенција и друго). Притоа, тие се свесни дека управувањето со ризиците е важна алка од редовното функционирање на денешните корпорации, насочено кон остварување профит за акционерите. Во оние компании каде што не се вложува во подобрување на процесите на управување со ризиците се појавуваат нови ризици – неочекувано, а понекогаш и со значителни финансиски загуби. Сметам дека е неопходно да се воспостави рамнотежа помеѓу состојбата што корпорацијата ја штити од финансиски нарушувања, а да се остави доволно простор за претприемништво (менаџментот на компанијата да работи во услови во кои потенцијалната добивка од донесените деловни одлуки ќе се споредува со ризикот што се презема). Во такво опкружување, компанијата не само што ќе го заштити своето работење од непредвидливи ризици туку и ќе постигне компетитивна предност затоа што презема ризик со нужно внимание. Воспоставувањето нов модел на работење во услови на пандемија и враќање кон претпандемискиот стил на деловно функционирање, несомнено дека ќе доведат до одредени дивергентности во деловниот свет на глобално ниво (посебно поради деловниот менталитет, кој тешко се откажува од етаблираниот систем на работење, а тешкотиите се присутни и при прифаќањето новитети што ги нудат дигитализацијата, информатичката технологија, вештачката интелигенција итн.). Како препорака до деловниот менаџмент од аспект на корпоративната безбедност, укажувам дека покрај квалитетот на производите, како клучни фактори за работењето се и одговорноста, стручноста, грижата за клиентите и посветеност кон вработените и континуирана достапна техничка поддршка. Во тој правец, насоченоста треба да биде кон имплементација на иновативни безбедносни решенија за клиентите за да се обезбедат високо ниво на заштита, едноставност во користењето и флексибилност.
Како да се зголеми безбедноста на деловното работење?
– Корпоративната безбедност нуди концепт и систем за зајакнување на безбедносните капацитети на деловните ентитети преку понуда на современи безбедносни решенија во комбинација со информатичките достигнувања во светот. Еден од начините за подобрување на работењето е примена на единствени софтверски решенија за различните потреби на клиентите, како што се на пример: систем за контрола и евиденција на работното време, систем за управување и контрола преку користење клучеви и систем за контрола на
пристап со помош на паметни компоненти и пешачки бариери. Иако секое од овие решенија има свои специфичности, за сите нив заеднички се довербата, флексибилноста и едноставноста во користењето. На пример, системите што ги нуди една од респектибилните компании во светот на корпоративната безбедност – „Си-пи секјурити груп“, како што се контрола на пристап во оддалечени локации и критичната инфраструктура. Овој систем е од витално значење во денешно време, пред сѐ, заради постигнување поголема безбедност на компаниите. Затоа што ја зголемува безбедноста, овозможува јасна и прецизна организација и, секако, намалување на оперативните трошоци како главни карактеристики и предности на овој систем. Едно исклучително интелигентно софтверско решение за повеќе области се системите за заклучување, како многу важен сегмент на корпоративната безбедност. Имено, одржувањето највисоко ниво на безбедност со истовремено намалување на административните задачи и трошоци предизвикувало големи маки за лицата задолжени за управување со недвижности со користењето голем број механички системи за заклучување. Модерните решенија обезбедуваат преку една платформа да се контролира и системот на заклучување, кој се базира на употреба на клуч, како и решение што се потпира на употреба на мобилен телефон, со што максимално се зголемува безбедноста. Единствените карактеристики и функционалност на iLOQ серија 5 ги исполнуваат потребите од областа на управување за сите видови недвижности и кориснички опкружувања. Сите системи се базирани на клауд-решенија, кои овозможуваат прецизни автоматски извештаи во реално време, приспособливост кон барањата на клиентите и брза и едноставна инсталација, како и постојана техничка поддршка.
Сите овие решенија покажуваат колку за вашата компанија се важни добрата организација и ефикасното управување со времето и парите. Истовремено, компаниите ќе покажат колку им значат прецизните автоматски извештаи во реално време достапни на секое место.