Во оваа акција беа пронајдени 505 украдени автомобили, околу 2.000 украдени делови за возила, 16 чамци, 32 надворешни мотора и 248 фалсификувани документи. Дополнително, органите учесници идентификуваа 209 шверцери на мигранти. Меѓутоа се поставува прашањето како и на кој начин криминалците успешно ги крадат луксузните возила без да го привлечат вниманието на сопствениците и на полициските власти
Македонија беше дел од успешна акција на Европол, Фронтекс и на Интерпол за разбивање криминални организации специјализирани за кражба на автомобили, мотори, чамци и фалсификувани документи
Македонија беше дел од голема акција на Европол, Фронтекс и на Интерпол, во која, освен земјите членки на Европската Унија, беа вклучени и Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Молдавија и Србија, а која се однесуваше на разбивање криминални организации што оперираат со украдени автомобили и делови за возила, мотори, чамци и фалсификувани документи.
Што беше откриено во акцијата
Операцијата наречена „Мобајл 6“ беше реализирана минатиот месец на копнените граници на земјите учесници. Во операцијата учествуваа околу 400 службеници за спроведување на законот од 25 земји, кои извршија детални проверки на неколку локации. Акцијата беше предводена од Фронтекс, а беше поддржана од Европол и од Интерпол, кои обезбедија експертиза и пристап до нивните бази на податоци.
Во оваа акција беа пронајдени 505 украдени автомобили, околу 2.000 украдени делови за возила, 16 чамци, 32 надворешни мотора и 248 фалсификувани документи. Дополнително, органите учесници идентификуваа 209 шверцери на мигранти.
– Полициите на земјите учесници идентификуваа различни криминални тактики за време на операцијата, вклучувајќи и неколку случаи во кои беа вклучени т.н. клонирани автомобили. Криминалците клонираат автомобили така што ги користат личните документи на друго возило, обично уништен автомобил, од иста марка, модел и боја. Документите им се доставуваат на властите во случај на постапка на гранична контрола поврзана со потрага по украден автомобил. Таквите инциденти претставуваат сѐ поголем проблем за граничните службеници, бидејќи се зголемува софистицираноста на фалсификуваните идентификациски броеви на возила – информираат од Европол.
Евтина опрема за кражба на скапи автомобили?!
Напреднувањето на технологијата многу им користи на криминалците што се занимаваат со кражби на автомобили. Па, така, сѐ поголемото присуство на електроника во автомобилите, која треба да им понуди дополнителна удобност на возачите, всушност им дава дополнителна предност на крадците на автомобили. За издвојување е информацијата дека сите сензори, компјутери и системи за собирање податоци, всушност, се алатки што криминалците ги користат за кражба на автомобили.
Погодностите што ги нуди системот на автомобили без клуч (КЕС) се еден од таквите примери. КЕС им овозможува на возачите пасивно да заклучуваат, отклучуваат, да го вклучат и да го исклучат моторот со помош на посебен клуч на далечинско како приврзок во кој е интегриран предавател на сигналот. Основната функција на системот е автомобилот да го детектира сигналот од клучот.
Ако сигналот е доволно силен, обично кога клучот е во круг од околу еден метар од автомобилот, возилото ќе се отклучи и ќе овозможи да се вклучи моторот, обично со користење на системот за вклучување.
Крадците го напаѓаат КЕС-системот обично со метод на засилување и пренесување на сигналот од клучот на автомобилот. Сето тоа го мами системот на автомобилот да помисли дека клучот е во домен од еден метар и системот се активира.
Еекспертите за безбедност во моментот како заштита од тоа советуваат сопствениците да се обидат да ги спречат таквите напади така што своите клучеви ќе ги чуваат во Фарадееви торби, кои всушност се чанти обложени со алуминиумски влакна, кои го спречуваат емитувањето сигнал и не се многу скапи.
Апел: Производителите да развиваат побезбедни кодови!
Исто така важно е да се напомене дека компјутерите во повеќекратните електронски контролни модули (ЕЦМ) вградени во возилата управуваат со сѐ, од моторот, менувачот, односно сите компоненти што го активираат автомобилот, до сопирачките. Сите овие ЕЦМ-системи се програмирани со голем број компјутерски кодови, кои, за жал, може да бидат многу ранливи.
За да ги ублажат таквите недостатоци, меѓународните безбедносни стандарди имаат цел да ги упатат производителите да развиваат побезбедни кодови и да ги тестираат.
За жал, со толку голем број меѓусебно поврзани и сложени системи, како и со рокови на производство и очекувања на акционерите со кои се соочуваат автомобилските компании, се случуваат голем број пропусти.
Крадците на автомобили сѐ уште успеваат да добијат пристап до електронските единици на автомобилите (ЕЦУ), па дури и до влезовите за дијагностика на возилата, за да се заобиколат безбедносните системи. Тие влезови или портови се мали компјутерски елементи што се наоѓаат под контролната табла на повеќето автомобили. Тие им овозможуваат на техничарите да направат брза и лесна дијагностика на системот на автомобилите.
Сето тоа го прави сервисирањето брзо, затоа што техничарот едноставно може да се вклучи во влезот за дијагностика, со што добива пристап до сите сензори. Со тоа се олеснува откривањето грешки бидејќи секој дефект може да се открие со помош на дијагностиката. Меѓутоа, токму поради тие работи возилата се привлечни за крадците.
Ефикасни уреди за кражба, слични на стари мобилни телефони
Неодамнешните извештаи покажаа дека крадците на автомобили можат да пристапат до ЕЦУ. Дури ниту експертите не се имуни. Еден консултант за сајбер-безбедност на компанијата за инженеринг „ЕДАГ груп“ неодамна доживеал нешто што на прв поглед изгледало како пример за бесмислен вандализам на неговото возило. Му бил изваден предниот браник на возилото, но не обрнал внимание на тоа. Сепак, по некој ден, кога му исчезнало возилото, му станало јасно дека штетата всушност е дел од софистицирана операција за кражба на автомобили.
Во овој случај крадците го тргнале предниот браник од автомобилот за да добијат пристап до предните светла. Тоа било направено за да пристапат до електронскиот систем на автомобилот што ги контролира светлата. Тоа им овозможило пристап до широко користената мрежа на контролори (магистрала CAN). Таа мрежа е главниот систем што овозможува меѓусебна интеракција помеѓу ЕЦУ-системите.
Во овој случај пристапот до мрежата на контролори им овозможил на крадците да внесат сопствени пораки во електронскиот систем на автомобилот. Тие лажни пораки биле насочени на безбедносните системи и направени така за да изгледа како да е присутен важечкиот клуч.
Епилогот бил доста успешен за крадците. Вратите се отклучиле и било овозможено да се вклучи моторот, а сето тоа без клуч. Овој нов вид на напади не може да се спречи со користење евтини Фарадееви торбички. Сигналот што би требало да го испраќа клучот, сега го користат крадците.
За дополнително да се зголеми проблемот, истрагата на Табор открила дека опремата што ја користат крадците чини само околу десет американски долари. За да биде ситуацијата уште полоша, деловите што се користат може да се купат однапред составени и програмирани, така што сѐ што еден потенцијален крадец треба да направи е да ја вклучи инсталацијата на возилото.
Овие неодамнешни извештаи покажаа дека уредите на крадците биле маскирани како стари мобилни телефони. Тоа значи дека на прв поглед, дури и полиција да го застане крадецот, нема никакви очигледни индиции дека реализира кражба на автомобил.
Како што забележале и експертите, трајното решение против таквите напади е да се вклучат производителите на автомобилите во унапредување на системите за заштита, бидејќи оваа ситуација ќе потрае. Автомобилите засега немаат систем за одбрана од таквите напади.