Она што ги загрижува светските полициски организации како Европол, е токму фактот на олабавување на мерките. Зошто? Имено, според нивните анализи и процени, со самото тоа што луѓето можат слободно да се движат, тоа значи дека и криминалците можат слободно да се движат и да се однесуваат како и пред пандемијата и да ги активираат сите нивни класични „модус операнди“ при извршување на криминалните поведенија во сите општествени сфери. Токму затоа и од Европол предупредуваат и апелираат граѓаните да се придржуваат кон неколку златни правила за превенција и заштита од најчестите форми на криминал

ЕВРОПОЛ ПРЕДУПРЕДУВА

Олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, значи и намалување на рестриктивните здравствени мерки, со што беа намалени правата на слободно движење на граѓаните. Може да се каже дека ограничувачките мерки за слобода на движење за луѓето, сега речиси и да се вратени во нормала. Слободен проток на луѓе, движење, шопинзи, посета на кафулиња, ресторани, театри и киносали… Слободно движење, секако, со строго почитување на мерките за заштита од вирусот, речиси има насекаде, во секоја држава, нормално, со исклучоци.
Сепак, она што ги загрижува светските полициски организации како Европол, е токму фактот на олабавување на мерките, секако ставено во контекст на нивниот делокруг на работа, односно спречување на криминалитетот и извршителите на кривичните дела. Имено, со самото тоа што луѓето можат слободно да се движат, тоа значи дека и криминалците можат слободно да се движат и да се однесуваат како и пред пандемијата и да ги активираат сите нивни „модус операнди“ при извршување на криминалните поведенија во сите општествени сфери. Токму затоа и од Европол предупредуваат и потенцираат неколку златни правила за превенција и заштита на граѓаните од секаков вид криминал.

КАКО ДА СЕ САМОЗАШТИТАТ ГРАЃАНИТЕ

Новото нормално, не е она „довчерашното нормално“ на кое сме навикнати од пред почетокот на пандемијата. Веќе втора година по ред, ритамот на живеење е драстично изменет, со одредени правила на однесување и движење.
Многумина светски научници велат дека го живееме крајот на вирусот и дека во следните години коронавирусот ќе биде исто присутна како и сезонскиот грип.
Тоа значи и полека, но сигурно на враќање на животот во нормала, со почесто напуштање на домовите, враќање на работните места и слично.
Токму затоа, Европол апелира до луѓето посебно да бидат внимателни сега, бидејќи во нормала ќе се врати и криминалот.
Оттаму апелираат до луѓето да го заштитат својот дом од кражби, бидејќи сега криминалците се жедни за што поголема, брза и лесна заработка. Добро заклучен и обезбеден дом, со отстранети вредности или барем добро скриени, е основна заштитна мерка што секој човек може да ја преземе.
Сите сакаат да споделат некоја фотографија на социјалните мрежи со наведена локација на неа. Европол алармира да не се прави тоа, бидејќи никогаш не можете да знаете кој го демнее вашиот профил.

ЗОШТО Е ВАЖНО И ВОСПОСТАВУВАЊЕТО МЕРКИ ЗА ОНЛАЈН БЕЗБЕДНОСТА

Како и досега така и отсега, многу е важна онлајн безбедноста за заштита од разни сајбер-напади и измами. Истите тие беа драстично зголемени и чести бидејќи тоа беше полето на функционирање на сите, и на криминалците и на обичниот човек. Токму затоа е важно во новото нормално да се обрне внимание на безбедноста на интернет.
– Бидете внимателни од сомнителни напади во вид на вируси, а потребно е да се користат безбедни и проверени интернет-апликации за конференциски онлајн разговори. Исто така е важно да се прави заштита и зачувување на податоците, како и редовно да се надградуваат компјутерите и телефоните за криминалците да не можат да го искористат ненавременото ажурирање. Лозинките треба да се силни, да вклучуваат разни симболи и бројки за да бидат тешки за пробивање – велат од Европол.
Интернет-безбедноста не се однесува само на возрасните. Можеби најмногу се однесува на децата и тинејџерите. Токму тие беа и сѐ уште се најранливата категорија корисници на социјалните мрежи, бидејќи периодите на онлајн настава и карантини, тие најмногу ги поминуваа на интернет, комуницирајќи со своите врсници.
Токму затоа, од особена важност, како што велат од Европол, е родителите да им ги објаснат сите опасности од новото нормално. На децата потребно е децидно да им се објаснат новите правила на новиот поредок предизвикан од епидемијата. Онлајн безбедноста е најважна за децата, бидејќи и најмала грешка може скапо да ги чини најмладите.
Како што целокупното живеење се премости на интернет, учењето, забавата и дружењето исто така, така и предаторите се сѐ почесто онлајн, обидувајќи се да ја зграпчат следната своја жртва.
– Родителите да ги охрабрат децата да користат уреди покрај нив за да можат да ги следат нивните постапки – велат од Европол.

БЕЗБЕДНО ОНЛАЈН КУПУВАЊЕ

Она што изминатиот период остави белег на живеењето, а според експертите ќе продолжи да остава свој печат, се финансиските измами и лично реализирани но и преку интернетот.
Токму затоа од Европол апелираат многу да се внимава и да не се наседнува на оние зделки што се премногу добри за да бидат вистинити.
– Луѓето посебно да внимаваат каде ги инвестираат своите пари и од кого земаат пари. Евтините понуди за одредени производи и услуги не се секогаш реални и вистинити. Исто така, важно е онлајн купувањето да се реализира преку проверени компании и безбедни врски, да се користат проверени интернет-страници за онлајн купување – предупредуваат од Европол.
Оттаму дури ги предупредуваат и луѓето што се заинтересирани да купуваат криптовалути, како биткоин. Велат дека доколку некој сака да купи криптовалута, тоа да го прави исклучиво од проверени места и да се избегнуваат секакви инвестициски и финансиски шеми. Исто така, најдобра заштита на купените криптовалути е нивно чување во компјутерскиот паричник, кој постои за таа намена.
Од Европол посебно ги акцентираат лажни производи за заштита од ковид. Да не се купуваат тестови, вакцини и други лекови, па дури и заштитни маски и ракавици за заштита од вирусот, бидејќи сите тие се фалсификувани и лажни производи.