Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопштија од Jавното обвинителство на Република Северна Македонија, на 6 јули, кога толпата учесници на јавен собир се приближиле кон плоштадот „Скендербег“ во Скопје, осомничениот бил дел од група граѓани на плоштадот кои влегле во расправија и меѓусебно фрлање со предмети со учесниците на протестот.
– Во тој момент, осомничениот извадил пиштол за светлосно-звучна сигнализација марка „EKOL Arаs Magnum” и испукал еден куршум во воздух. Со вештачење е утврдено дека станува збор за пиштол во кој внатрешноста на цевката е изведена со препрека која оневозможува истрелување на проектил од огнострелна муниција, па пиштолот не претставува огнено оружје – појаснуваат од ОЈО.
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му определи мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, задолжително повремено јавување кај надлежен орган и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова.
Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка и против две лица за кои постои сомнение дека сториле кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
– Тие се осомничени за учество во толпата што изврши кривично дело насислтво пред зградата на Собранието за време на протестите на 5 јули, фрлајќи камења, бекатон плочки, железни предмети, корпи за отпадоци, сообраќајни знаци и други предмети кон полицискиот кордон, при што на еден полициски службеник му беше нанесена тешка телесна повреда, а беа повредени и уште 27 други полицајци. За време на настанот беше нанесена и материјална штета на зградата на Собранието, беше оштетена полициска опрема и едно полициско возило, се наведува во соопштението.
За осомничените судијата на претходна постапка определи мерка куќен притвор во траење од 8 дена.