Куќа на два спрата, со базен, а илустрирана на 3Д скица. Вака изгледаше основниот проект на име Дамјан и Миа Рашковски, деца на ексгенералниот секретар Драги Рашковски, презентиран на рочиште за „Софтвери“. Обвинителката Ивана Трајчева, пренесува „Макфакс“, посочи дека токму по овој проект е планирано да се гради куќата во Побожје, каде Рашковски купил земјиште. Основниот проект бил одобрен и доставен до Општината Чучер Сандево, но повлечен откако се отворила предистрагата за „Софтвери“. Рашковски замери зошто судот дозволил да се изведе овој доказ. Трајчева пак, наброја што содржи истиот и посочи дека според него, изградбата ќе чинела 28.528.409 денари или нешто над 463 илјади евра.
-Ова е основен проект на име Дамјан и Миа Рашковски. Може да се види дека е предвидено да има два влеза, наведена е површината. Ова се предвидените работи кои требало да се изведат за влезот број 1 во вкупен износ од 18.991.857 денари. Има рекапитулација за влез два вкупно 9.536.552 денари или за двата влеза 28.528.409 денари – кажа обвинителката презентирајќи го доказот.
Спецификацијата беше долга и не беше читана на рочиштето. Обвинителката по презентацијата на проектот, посочи дека била поднесена и изјава за повлекување на проектот доставена до Општината. Тоа според неа се случило кога и јавно било објавено дека е отворена предистрага во која опфатен е Рашковски.
-Поднесена е изјава за повлекување на проекти во време на водење на предистражната постапка, кога е јавно објавено- кажа Трајчева на рочиштето.
Во судницата реагираше и Рашковски. Тој не го оспоруваче проектот, туку реагираше што доказот е презентиран во судница.
-Разочаран сум што Судот дозволи да се изведе овој доказ. Ова е повлечен проект, нема врска со обвинението. Ова е нереализирана работа, не се знае кој е бизнис планот. Треба да си многу несреќен човек за да предложиш ваков доказ до судот – рече Рашковски.
За имотот во Побожје, Рашковски беше прашан и на интервју во „А1он“. Тој тогаш кажа дека на плацот нема градба, но не одговори дали била планирана градба на хациенда.