Фото: Архива

Предвидено е ставање налепници со ознака НМК на возилата што имаат таблички со ознака МК, со што ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци за издавање повеќе нови документи, лиценци, сертификати што се поврзани со бројот на регистарската табличка. Поставувањето налепници со ознака НМК на регистарските таблички, според образложението од МВР, ќе биде олеснување и за транспортерите што патуваат во Европската Унија

ПО ВЛАДИНАТА ОДЛУКА ДА СЕ КОРИСТАТ НАЛЕПНИЦИ НАМЕСТО ДА СЕ МЕНУВААТ РЕГИСТАРСКИТЕ ТАБЛИЧКИ

Ќе се користат налепници со ознаката НМК наместо нови регистарски таблички, за заштита на граѓаните од финансиски трошоци и вадење нова документација, соопштија од Владата по неодамнешната седница. Иако оваа одлука е за поздрав, бидејќи граѓаните и експертската јавност бурно реагираа поради високите трошоци што произлегоа од Преспанскиот договор, сега повторно има незадоволство, овој пат кај граѓаните што навремено ги заменија регистарските таблички.

ВЛАДИНА ОДЛУКА

Владата на 154-та седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од ставање налепници со ознака НМК на регистарските таблички, предложена од Министерството за внатрешни работи.
Со ставањето налепница на регистарските таблички, од една страна во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија на регистарските таблички на возилата, а од друга страна финансиските издатоци за ова решение се речиси неспоредливи со износот потребен за замена на регистарските таблички со нови.
– Во оваа насока е предвидено ставање налепници со ознака НМК на возилата што имаат таблички со ознака МК, со што ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци, за издавање повеќе нови документи, лиценци, сертификати што се поврзани со бројот на регистарската табличка. Поставувањето налепници со ознака НМК на регистарските таблички, според образложението од МВР, ќе биде олеснување и за транспортерите што патуваат во Европската Унија. На овој начин тие имаат можност на транспортните возила да ги задржат постојните таблички, со што ќе бидат заштитени од потребата за промени во целокупната документација во земјите-членки на ЕУ, што ќе се појави како потреба доколку постојните регистарски таблички ги сменат со нови таблички во нашата држава – информираа од Владата.
По разгледувањето на информацијата, Министерството за внатрешни работи е задолжено да подготви правилник за изменување и дополнување на правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблички, формата и содржината на регистарските таблички и на пробните таблички на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање.

Што е причината за револтот кај одредена група граѓани?

Мнозинството граѓани ја поздравија оваа владина одлука, освен оние што веќе си ги заменија табличките и одвоија над 1.500 денари за замена на табличките и на сообраќајната дозвола.
„Дали нам, кои веќе ги заменивме табличките и сообраќајните дозволи, Владата ќе ни ги врати парите?“ е најчестото прашање по социјалните мрежи, како реакција на последната владина одлука.
– Уште не почетокот на годината требаше да се донесе ваква одлука, кога информацијата масовно се споделуваше по медиумите. Наместо тоа, тие уште донесоа одлука за покачување на цените на услугите. И сега одеднаш, како гром од ведро небо, пристигнува информација дека залудно сме ги менувале табличките. Јас не морав да ги менувам, можев само да го пререгистрирам автомобилот и да си заштедам некој денар плус. Но, ајде, си реков кога веќе мора, зошто да го чекам последниот рок, кога ќе има метеж и кога гарантирано ќе владее хаос, таа обврска да си ја завршам со време. И излезе дека избрзав. Свесен сум дека парите нема да ги добијам назад, но многу сум револтиран – вели Саше Трајковски.
Реагираат и другите граѓани, особено поради фактот што во февруари голем број експерти оваа идеја им ја посочија на МВР и на Владата.
Уште тогаш универзитетскиот професор Борче Давитковски апелираше до надлежните да се намалат трошоците, бидејќи тоа е товар за граѓаните.
– Кога се прави колективен договор, како Преспанскиот, сите обврски што произлегуваат од него за граѓаните треба да бидат на државниот буџет или, пак, најскапите, оние што најмногу чинат, да може да се регулираат со налепници до нивното менување. Сега сите ќе мораат да ги менуваат регистарските таблички, а сето тоа можеше да се регулира со налепници НМК – ни изјави во февруари проф. д-р Давитковски, кој на Правниот факултет „Јустинијан Први“ реализираше настава од областа на јавната администрација и административното право.
Според него, потребно е да се бајпасира за да не дојде до голем финансиски товар на граѓаните.
– Дополнително ќе се создава невиден метеж, сите ќе треба да ги менуваат документите. Ќе требаат и дополнителни обврски за реажурирање договори за паркирање. Коректно беше само тоа што објавија една година однапред, за граѓаните навремено да бидат известени и дека имаат една година за да го направат тоа. Сега сите се запознаени дека при првата регистрација на возилото ќе треба да бараат и замена на табличките – рече тогаш Давитковски.

[email protected]