Фото: Царинска управа

Од почетокот на годинава Царинската управа во повеќе случаи спречи обиди за шверц на над 4 тони храна меѓу која најмногу маслиново масло – 560 литри и 3,7 тони овошје и зеленчук. Последен случај е откриен деновиве на граничен премин Ќафасан, кога државјанин на Албанија се обидел нелегално да внесе 21 килограм свежа пастрмка скриена во во просторот за резервна гума, информираат денеска од Царинската управа.

На прашање на царинските службеници дали има нешто да пријави, тој одговорил дека нема, но при детална контрола се пронајдени шест кеси со риба.

Од Царинската управа информираат дека е поведена соодветна постапка против лицето кое се обидело нелегално да внесе небезбедна храна – транспортирана во несоодветни услови и без потребни сертификати и дозволи од надлежни институции.

Царинската управа, нагласуваат оттаму, ќе продолжи да делува во насока на заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните при што укажува дека секој обид за прекршување на законот ќе биде најстрого санкциониран.