Полицијата поднесе кривична пријава против 37-годишник од Тетово со иницилијали Б.М. за бегството од затворот „Идризово“ во јануари, објавува „Макфакс“.
МВР бара тој да одговара за две дела, односно „убиство во обид“ и „бегство на лице лишено од слобода“.
Случајот ја разбранува јавноста пред пет месеци, кога припадник на затворската полиција беше ранет, а затвореникот избега за време на спровод од затворот до болницата. Тогаш беше соопштено дека станува збор за затвореник со висок безбедносен ризик.
– На автопатот „Пријателство“, додека бил вршен спровод на пријавениот, осудено лице, од Казнено-поправната установа Идризово до Комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје, тој одзел службен пиштол од вработен во затворската полиција и испукал еден проектил, со кој го ранил. Притоа, службеното возило застанало, а пријавениот излегол од возилото и влегол во патничко возило „ауди“ без регистарски ознаки и заминал – соопшти МВР.