Мухамед Зеќири останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, одлучи Апелацискиот суд. Според Апелација, Обвинителството е во право со мислењето дека поранешниот генерален секретар на Владата може да се даде во бегство или да влијае на сведоци. По јавната седница во петокот, одлуката е донесена денеска.
Зеќири не успеа да ги убеди судиите на јавната седница дека и со куќен притвор или гаранција во имот, ќе се обезбеди негово присуство, односно дека нема да ја попречува истражната постапка.
– Ниту имам намера, ниту имам зошто да бегам и да се кријам од органите на прогон. Сакам да напоменам дека бев во тек со предистражната постапка поради функцијата што ја вршев. Јас потпишав да се дадат сите документите што ги побараа од мене, беше експедитивно процесуирано. Да сум сакал да бегам, сум имал простор повеќе од една година бидејќи знаев дека се води постапка. Првиот пат кога беше предложена мерката притвор поднесов оставка, за да не ја попречувам истрагата што се води против мене. Не размислувам ниту имам зошто да бегам. Фамилијарен човек сум, се грижам за четири деца, имам две од првиот брак и имам двегодишна ќерка и посинокот на мојата сопруга, кој е малолетен. Во однос на родителите на сопругата, кои живеат во Германија, сакам да посочам дека тие сега живеат во Македонија, имаат регулиран престој. Тие живеат заедно со нас. Немам намера, ниту имам зошто да бегам. Сакам во фер постапка да докажам дека сум невин – кажа Зеќири пред судот.
Сега, треба да одлучува кривичниот суд. Пред судија на претходна постапка е гаранцијата во имот вредна околу 280 илјади евра, која Зеќири ја понуди за да добие слобода.
Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
– Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари, а на штета на буџетот на РС Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги – пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Дента кога му беше одреден притвор, Зеќири даде оставка и од позицијата генерален секретар на Владата.