Фото: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека ова е тажен ден за државата и оти нема зборови што можат да бидат утеха за оваа трагедија.

– Тежок и тажен ден за државата. Нема зборови што можат да бидат утеха за оваа трагедија. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите им изразувам најдлабоко сочувство и сила да ја издржат оваа незамислива загуба – наведува Муцунски во објавата на Фејсбук.

Министерот информира дека утрово остварил телефонски разговор со негови колеги од повеќе земји, кои изразиле сочувство за несреќата во Кочани и ја понудиле својата поддршка и капацитети на располагање на нашата држава.

– Веќе сме во координација и комуникација со нашите соседи и меѓународни партнери за обезбедување соодветна помош, согласно потребите на пациентите и проценките на стручните медицински лица- напиша Муцунски.

Муцунски додава дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети стои на располагање за секоја неопходна поддршка и помош, во координација со надлежните институции.

Според последните официјални инмформации до 11:30 часот, во пожарот што изби во дискотека во Кочани синоќа загинале 59 лица, од кои 35 се идентификувани, а од нив пак 31 е од Кочани, четири се од Штип.