Фото: Тимчо Муцунски/Фејсбук

Болницата „Пирогов“ во Софија, каде што се лекуваат дел од повредените од пожарот во Кочани, попладнево ја посетиле министрите за здравство и за надворешни работи и надворешна трговија, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски.

Од медицинскиот персонал биле информирани за здравствената состојба на 15-те македонски пациенти хоспитализирани во таа установа.

Шефот на диполоматјата на Фејсбук објави дека болницата ја посетиле заедно со министрите за надворешни работи и здравство на Бугарија, Георг Георгиев и Силви Кирилов.

-Во Бугарија во моментов се згрижени 15 пациенти, што е резултат на директната политичка комуникација со нашите колеги и претставува потврда за солидарноста и силната пријателска поддршка од нашите соседи, за што изразив искрена благодарност. Упатив благодарност до целиот здравствен персонал, од кој добивме детални информации за здравствената состојба на пациентите – објави Муцунски на својот фејсбук-профил.

Пред семејствата на македонските пациенти, додава тој, нагласил дека Македонската амбасада во Софија „останува на целосно располагање за секоја нивна потреба во наредниот период“.