Анализата на Институтот за човекови права, на спроведена анкета помеѓу учениците и наставниците од средните училишта во Скопје, на тема „Дискриминација, булинг и говор на омраза“, покажува дека, за жал, врсничкото насилство е присутно помеѓу учениците во средните училишта во главниот град. Булингот, дискриминацијата и говорот на омраза се широкораспространети помеѓу средношколците и се редовна појава во средните училишта во Скопје…
ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО НА ИНСТИТУТОТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЗА ФЕНОМЕНИТЕ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА МЕЃУ СРЕДНОШКОЛЦИТЕ
Булингот, говорот на омраза и дискриминацијата се едни од најголемите проблеми помеѓу тинејџерите во средношколските денови. Во обид да бидат поинтересни, да бидат општоприфатени како „кул“, не размислувајќи за сериозните последици по соучениците, средношколците знаат да бидат брутални во однесувањето, па непромислено да ги навредуваат своите врсници, да ги омаловажуваат, исмеваат и дискриминираат. За да се увиди точно состојбата со булингот, дискриминацијата и говорот на омраза помеѓу средношколците, Институтот за човекови права реализира истражување чии резултати беа објавени неодамна.
Анализата на Институтот за човекови права, на спроведена анкета помеѓу учениците и наставниците од средните училишта во Скопје, на тема „Дискриминација, булинг и говор на омраза“, покажува дека, за жал, врсничкото насилство е присутно помеѓу учениците во средните училишта во главниот град. Булингот, дискриминацијата и говорот на омраза се широкораспространети помеѓу средношколците и се редовна појава во средните училишта во Скопје.
БУЛИНГОТ СЀ ПОПРИСУТЕН ВО УЧИЛИШТАТА
Според анализата, булингот е редовна појава во средните училишта во Скопје. Околу две третини од средношколците потврдуваат присуство на булинг во нивните училишта. Перцепцијата на булингот во реална мера зависи од полот на учениците, при што девојчињата сметаат дека булингот е поприсутен во споредба со машките.
Најчестиот вид на булинг помеѓу учениците е булинг преку социјални мрежи. Минимум една третина од учениците биле жртва на некаков вид булинг (на училиште, надвор од училиште, на социјалните мрежи). Овој заклучок е добиен врз основа на директна потврда од жртвите. Со оглед на големата стапка на неодговарање, може да се смета дека вистинската стапка на жртви на булинг во изминатата година е повисока.
Според анализата, најчеста форма на булинг се навреди и исмевање. Околу една петтина од жртвите на булинг во изминатата една година биле жртви на некаква форма на физичко малтретирање. Физичкото малтретирање повеќе им се случува на машките отколку на девојчињата.
Според учениците, најчестите причини за булинг вклучуваат љубомора, предрасуди, покажување надмоќ, надворешниот изглед на жртвата, агресивноста/злобата на сторителот, немоќта на жртвата, етничката, верската или националната припадност. Голем дел жртви велат дека булинг се случува без причина, односно дека единствената причина е тоа што жртвата не може да се одбрани.
Најчестата реакција на жртвите на булинг е игнорирање на булингот, страв и вознемиреност. Околу една четвртина од учениците се спротивставуваат. Многу мал дел од булингот се пријавува.
И ГОВОРОТ НА ОМРАЗА Е РЕДОВНА ПОЈАВА
Слично на булингот, и говорот на омраза е редовна појава во училиштата. Речиси половина од учениците сметаат дека е присутен или многу присутен. Најчестиот израз на говор на омраза е преку социјалните мрежи.
Околу една четвртина од учениците потврдиле дека биле жртва на некаква форма на говор на омраза во изминатата година. Нешто повеќе од една третина од учениците сметаат дека дискриминацијата е присутна или многу присутна помеѓу нивните соученици.
Ставовите и перцепциите на наставниците во значителна мера се конзистентни со тие на учениците, што води до заклучок дека наставниците имаат добра претстава за присуството на феномените што се предмет на интерес помеѓу учениците.
Околу една третина од наставниците, пак, сметаат дека булингот е присутен или многу присутен во училиштата.
Постои значајна разлика во перцепцијата на булингот од страна на наставниците во зависност од нивната возраст. Помладите наставници се посклони да сметаат дека булинг им се случува на поголем дел од учениците.
Околу една четвртина од наставниците сметаат дека говорот на омраза е присутен или многу присутен помеѓу учениците во нивните училишта. Речиси половина од наставниците сметаат дека е ретка појава.
Повеќе од половина од наставниците сметаат дека дискриминацијата воопшто не е присутна или сосема малку е присутна помеѓу учениците. Наспроти тоа, помалку од една петтина сметаат дека е присутна или многу присутна Издавач на извештајот е Институтот за човекови права, а авторки се Неда Петковска и Маргарита Цаца Николовска. Извештајот е изработен со финансиска поддршка од германската амбасада.
Извештајот е резултат од две анкетни истражувања спроведени во средните училишта во Скопје, во периодот декември 2021-февруари 2022. Едната анкета е спроведена со ученици од трета и четврта година. Другата анкета е направена со наставници.
Учениците биле селектирани на следниот начин: одреден број ученици од сите или најголем дел од класовите во трета и четврта години, со пропорционално учество на испитаниците по пол и по етничка припадност на ниво на училиште.Биле анкетирани вкупно 995 ученици и 255 наставници, по случаен избор, со пропорционално учество на испитаници по пол и етничка припадност.
Што е булинг?
Булингот е секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, што продолжува да ги следи децата во домот преку интернет-мрежите и по завршувањето на обврските во училиштата. Постојат три типа булинг:
– Вербален булинг, со користење навреди, закани и злобни и непристојни коментари.
– Социјален булинг, повредување на нечија репутација и однос со другите врсници, со ширење лаги и наговарање на друштвото да отфрли некого.
– Физички булинг, кој се одликува со практикување физичко насилство.