Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, предмалку излезе од истражниот затвор во Шуто Оризари.
Тој од вечерва е на слобода откако апелација денеска му го укина притворот, кој пред една недела му беше одреден за случајот „Плацови на Водно“.
– Не бегам, зошто да бегам – беше единствениот кус коментар на ексдиректорот на УБК по излегувањето од притвор.
Тој десетина минути седеше во дворот на затворот, додека неговото обезбедување ги преземаше неговите лични работи.
Потоа, како на ниту еден друг затвореник, автомобилот му беше паркиран пред портата на затворот „Скопје“ и тој влезе директно во задниот дел.
Тој не одговори дали ќе остане во Скопје по излегувањето од затворот. Не искоментира ниту како ги убедил судиите да го пуштат на слобода.
Одлуката на судиите значи дека тие сметаат оти Мијалков нема да избега ако биде на слобода.