Сашо Мијалков бара да биде ослободен од притвор преку нова жалба до Кривичниот совет на Апелација. Ова уследи откако вчера од второстепениот суд му беше укинат притворот за случајот „Трезор“, а по неколку часа, првостепениот суд му одреди нов притвор од триесет дена за случајот „Плацови на Водно“ каде е осуден.
Адвокатот Петар Василев кој го застапува Мијалков посочува дека неговиот клиент не бил повикан да се произнесе за предложениот притвор и тоа го опиша како немање доблест на судот бидејќи иако го одобриле, предлогот бил неоснован и непотребен.
– Во овој контекст се создава неконзистентна правна пракса. Не може ставот на повисок суд да не биде ценет од понизок суд. Тоа е спротивно на Европската конвенција за човекови права. Ќе ги преземеме сите правни мерки за оваа работа да ја истераме на чистина. По повод жалбата која е поднесена денеска, убедени сме дека Апелација ќе остане на својот став бидејќи по предлогот на јавниот обвинител, апсолвирани се прашањата за бегството, недостапноста и во врска со тоа дека поради тоа што Милјаков имал голем имот во Македонија и надвор од неа можел да се даде во бегство. Судот имотот кој што е влезен во гаранцијата која е запишана и правосилна, каде се обезбедуваат плати и придонеси на повеќе од 350 вработени и семејства, го цени како можност за бегство, а не како можност дека токму поради тој бизнис нема ниту намера да се даде во бегство – рече Петар Василев.
Адвокатот Свонко Давидовиќ вели дека сега кон Мијалков се применети сите мерки за обезбедување присуство – притвор, гаранција, повремено пријавување во суд, одземена патна исправа. Тој вели дека имотот на Мијалков ќе остане под хипотека, затоа што решението на Апелација не може да се укине.
– Мијалков беше држен во притвор неколку часа без да има активна мерка. Во 14 часот беше впишана гаранцијата во Агенција за катастар, а во 21 часот беше донесено новото решение на Кривичниот суд, во кое стои дека поради контакти со странски разузнавачи и особено со Израелската тајна служба, постои опасност од бегство. Некако Кривичниот суд посочува странска држава и служба дека може да учествува во кривично дело. Нема доказ за контакти – кажа Давидовиќ.