Четириесет и шестгодишен маж со нож ги убил својата сопруга и нејзината мајка, а патоа откако си нанел повреда, скокнал од прозорец. Трагедијата се случила во Куманово.
Тој бил пренесен во кумановската болница, каде што починал.
Случајот, како што информирале од полицијата за порталот „Кумановоњуз“, бил пријавен денеска попладне.
-Денеска, 25 август, околу 12.45 часот постапувајќи по добиена пријава, полициски службеници во стан во Куманово ги пронашле починати Е.А.Ј. (40) и нејзината мајка П.Н., кои претходно со нож ги убил Д.Ј. (46) од Куманово, сопруг на Е.А.Ј. Потоа Д.Ј. си нанел повреди и себеси и скокнал од прозорецот – соопштиле од кумановската полиција.
Јавен обвинител и екипи на Секторот за внатрешни работи Куманово преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Во станот каде што се случила трагедијата бил и осумгодишниот син на лицето кое го извршило злосторството и на неговата сопруга – жртвата, пренесе ТВ Телма. Детето е неповредено во крвавиот настан. Според сознанијата на телевизијата од истрага, детето било заклучено во соба, додека неговиот татко се расправал со сопругата и нејзината мајка.