Фото: Игор Бансколиев

Со присилното питање на децата се прекршуваат нивните права најчесто од блиските родители и старатели. За жал, децата за да излезат на улиците и да питаат, се присилуваат психички и физички: постојано се малтретирани, тепани, гладни и жедни. За да се спасат децата од тој кошмар што секојдневно го живеат, но и од криминалот на кој се принудени, полицијата изминатиот период спроведе голем број акции за да се намали бројката на питачи на улиците

ДЕЦА ПИТАЧИ ПОВТОРНО И ЧЕСТО НА УЛИЦИТЕ

Ниту едно дете не сака да биде на улица, да пита и да моли за малку пари, кои потоа ќе му бидат одземени присилно од страна на неговите родители или роднини. За жал, кај нас сѐ поголема е бројката на дечиња питачи што се принудени деновите да ги минуваат надвор, независно какво е времето, дали врне, студи или, пак, е претопло. Наместо во градинка или на училиште, овие деца растат под секојдневна принуда на своите родители да им однесат пари, кои потоа не се трошат за нивните потреби.

АКЦИИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ПИТАЊЕТО

Изминатиот период се чини дека полицијата имаше зголемен обем на работа кога се во прашање питачите. Евидентирани се неколку случаи во кои возрасни лица, односно родители си ги принудувале децата да питаат.
Одделенијата за криминалистички работи во единиците за внатрешни работи при СВР-Скопје, во содејство со јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Скопје, во текот на изминатата недела презедоа мерки и активности за спречување на „питањето“. Во рамките на овие активности, од слобода биле лишени Џ.Ш. (20), С.Р. (20), Е.М. (32) и Ф.С. (20), сите од Скопје, и М.А. (46) од Охрид. Џ.Ш., С.Р., Е.М. и М.А. биле затекнати заедно со нивните малолетни деца при питање на крстосници и булевари на подрачјето на Скопје, со нив бил извршен службен разговор и по целосното документирање на случајот против нив ќе следуваат кривични пријави, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело по чл. 201 од Кривичниот законик. Ф.С. била затекната при питање на крстосницата од булеварите Словенија и Јадранска магистрала, поради што била приведена и против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.
Исто така, неодамна беше реализирана акција повторно за питање во која беа уапсени Л.А. (32), С.М. (24), Ш.К. (30), Џ.С. (30) и И.М. (33), сите од Скопје, кои биле затекнати заедно со нивните малолетни деца при питање на улици, булевари и пред верски објекти на подрачјето на Скопје.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по повеќемесечна постапка во соработка со Министерството за внатрешни работи, постапувајќи по кривичната пријава, донесе наредба за спроведување истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „трговија со дете“, од членот 418-г став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Во текот на август и септември минатата година, осомничените заедно со деветгодишниот син на осомничената, со автобус заминале од Дебар за Струга, каде што се сместиле во изнајмена соба во близината на пазарот. Мајката и очувот, употребувајќи сила и закана, го подвеле детето на питање и искористувајќи ја неговата немоќ барале со питање секојдневно да заработува по 500-1.000 денари. Доколку детето не успеело да собере толку пари, било казнувано со физичко малтретирање и тепање, а храна добивало само еден оброк во текот на денот. Осомничените ги користеле парите за набавка на наркотична дрога, која ја консумирале во присуство на детето. На 14.9.2021 година, откако мајката го истепала, детето вознемирено и истоштено побарало заштита од вработени во угостителски објект, по што било однесено во ЈЗУ Општа болница Струга, каде што му биле констатирани повреди по главата и телото. Во согласност со Кривичниот законик, за сторителите на кривичното дело „трговија со дете“ е предвидена казна затвор од најмалку десет години.

СЀ ПОГОЛЕМ БРОЈОТ НА ДЕЦА ПИТАЧИ

Најчеста слика на градските крстосници и булевари се мајките со деца што одат од возило до возило барајќи пари. Исто така, честа слика се и децата што нудат чистење на ветробранските стакла за паричен надомест.
Пред околу една година, анализите на Министерството за труд и социјална политика покажуваа дека во земјава има 182 деца питачи. Официјалната бројка драстично се зголемила последниве години поради активностите што ги презеле за да ги регистрираат тие лица. Од 59 евидентирани во 2017 година, бројката се искачила на 250, а пред една година изнесувала 182. Но, според процените на првата детска амбасада „Меѓаши“, бројот е неколкукратно поголем.
Со присилното питање на децата се прекршуваат нивните права најчесто од блиските роднини и родители. За жал, децата за да излезат на улиците и да питаат, постојано се малтретирани, тепани, гладни и жедни. За да се спасат децата од тој кошмар што секојдневно го живеат, но и од криминалот на кој се принудени, полицијата изминатиот период спроведе голем број акции за да се намали бројката на питачи на улиците.

[email protected]