Кружните текови со повеќе ленти треба да имаат знак за престројување на влезот, па затоа треба однапред да одлучите која лента ќе ја користите, односно каде ќе се исклучите од кружниот тек. Сепак, сите сме сведоци дека во пракса не функционираат работите баш така, бидејќи често се случува некој постојано да вози по надворешната лента иако се исклучува на третиот или на четвртиот излез.
Дополнително, проблем се некои од возачите, кои воопшто не знаат како да возат по кружните текови и по која насока
Повод: Зачестените сообраќајни незгоди при управување со возилата на кружните текови
Иако се дизајнирани да ги направат раскрсниците безбедни и ефикасни, кружните текови се ноќна мора за многу возачи и често се избегнуваат. Барем во Скопје, како што расте бројот на кружни текови така сѐ почесто на нив можеме да забележиме возачи што комплетно го промашуваат правецот и возат во спротивна насока од дозволената. Без разлика кога сте ги полагале теоретските тестови, секогаш треба да ги знаете правилата за возење во кружен тек и да ги применувате за безбедност на сите учесници во сообраќајот. Практичното искуство е особено важно затоа што тогаш особено доаѓаат до израз снаодливоста, знаењето и внимателноста.
КОЈ ИМА ПРЕДНОСТ?
Кружните текови во Македонија генерално се претставени со знак што укажува на тоа дека на патот доаѓа кружен тек, со сини стрелки кружно претставени. Доколку нема сообраќајни знаци, тогаш се применува стандардното сообраќајно правило како и на секоја друга раскрсница, т.е. правилото на десната рака. Во овој случај, приоритет има возилото што доаѓа од десно (во споредба со веќе оние во кружниот тек)! Ова е, на пример, правилото што важи во Грција бидејќи нивните кружни текови не се обележани со сообраќајни знаци.
Правилото во кружниот тек со една лента е многу едноставно. Приспособете ја брзината и погледнете лево пред да влезете во кружниот тек. Знајте дека возилата што веќе се движат во кружниот тек имаат приоритет, односно предност пред оние што штотуку се вклучуваат. Не заборавајте да го вклучите трепкачот кога излегувате од кружниот тек. За да излезете од кружниот тек, за да ги известите другите учесници во сообраќајот дека ќе излезете од него. Притоа никако не треба да забавувате или да застанете. Исклучок е само кога пешаците се на пешачки премин или ако се приближува брза помош, што секогаш сте должни да ја пропуштите.
Слични се правилата и за кружните текови со повеќе ленти, со тоа што движењето зависи од хоризонталната и вертикалната сигнализација, т.е. знаците. Овде секогаш приоритет имаат возилата што се движат внатре во кружниот тек. Кај нас често се прекршува едно правило, бидејќи возачите од внатрешната лента не ги пропуштаат оние од надворешната лента! Возачот од внатрешната лента (поблиску до островот) треба да го пушти возачот од надворешната лента да помине како да е класично престројување на пат со две ленти, со задолжително трепкање на трепкачот. Точно исто како да возат по обичен пат со две-три ленти.
Запомнете – возилата што се движат по надворешната лента имаат приоритет! Сигурно се прашувате што да правите ако има метеж на надворешната лента, па затоа не е можно да се исклучите. Можете или да направите уште еден целосен круг околу островот (што е многу ретка опција) или да чекате во внатрешната лента додека не се исполнат условите за престројување.
СЛУЧАИ НА ВОЗЕЊЕ ВО СПРОТИВНА НАСОКА
Кружните текови со повеќе ленти треба да имаат знак за престројување на влезот, па затоа треба однапред да одлучите која лента ќе ја користите, односно каде ќе се исклучите од кружниот тек. Сепак, сите сме сведоци дека во пракса не функционираат работите баш така, бидејќи често се случува некој постојано да вози по надворешната лента иако се исклучува на третиот или на четвртиот излез.
Дополнително, проблем се некои од возачите што воопшто не знаат како да возат по кружните текови и по која насока.
Дури и изненадувачки е фактот што на кружниот кај „Ист гејт мол“, доста често се случува возило да вози во целосно спротивната насока од дозволената, создавајќи невиден хаос во сообраќајот, но и голем ризик за возачите, бидејќи сите забавуваат, свират и чекаат да помине возилото што се движи непрописно.
Многу е важно да се избере вистинската лента, затоа логично размислете каде треба да излезете од кружниот тек уште пред да влезете – ако излезете на првиот излез, треба да влезете во кружниот тек на десната лента и да ја следите надворешната лента на кружниот тек до излезот.
Ако излезете на последниот излез, треба да влезете во внатрешната лента на кружниот тек од левата лента и потоа да се усогласите навреме пред да излезете. Секој што возел низ скопските улици знае дека сите овие „училишни правила“ не се лесно применливи на самото место, бидејќи иако ги знаете правилата, мора постојано да внимавате што прават другите возачи околу вас.
Кај нас, за жал, вообичаена практика е трепкачот („жмигавец“) ретко да се користи во кружен тек. И мора да се користи при излегување од кружен тек и при менување од една во друга лента. На овој начин ќе им дадете можност на другите возачи да реагираат правилно навремено бидејќи ќе знаат што да очекуваат од вас и кои се вашите намери. Доколку сообраќаен полицаец е на кружен тек и го регулира сообраќајот, тогаш исклучиво треба да ги следите и применувате неговите упатства, односно наредби.
Каде и да патувате и колку и да сте сигурни во своите возачки способности, добро е да се потсетите на клучните правила, особено на места каде што колоните, застојот и збунетоста на возачот се вообичаени. Особено е пожелно, доколку патувате во странство, да се информирате за сообраќајните правила што важат во таа земја. Знаете дека некаде се вози лево (не само во Велика Британија туку и во Малта, Кипар…), па затоа правилата за возење на кружен тек се различни.