Велика Британија веќе со години има големи проблеми со албанските криминалци. Тие значително ги проширија своите криминални активности, што ги направи најмоќен „криминален синдикат“ на Островот. Отфрлајќи ги традиционалните италијански или мексикански посредници, Албанците преговараат директно со производителите. Тие сега во најголема мера раководат со целиот синџир на снабдување од Јужна Америка кон Европа
Во Албанија објавени загрижувачки податоци за илегалното мигрирање на албански државјани во Велика Британија
Потрагата по подобар живот за aлбанските граѓани најчесто завршува во Велика Британија, каде што, по некоја „чудна“ случајност, на големо царува албанската наркомафија. Британската јавност е загрижена поради масовното илегално влегување на албански државјани во земјата, каде што токму жители од оваа балканска сиромашна земја го предводат пазарот на кокаин во Европа, а нивните планови се простираат многу пошироко.
Албанските мигранти главно се мажи, кои очигледно брзите и лесни пари што им ги ветува трговијата со дрога, а со чија помош ќе се стекнат со скапи возила и полни џепови, ги втурнува во опасниот и суров пазар на кокаин, од кој нема излез.
Пипалата на октоподот од Тирана до Лондон
Велика Британија веќе со години има големи проблеми со албанските криминалци. Тие значително ги проширија своите криминални активности, што ги направи најмоќен криминален синдикат на Островот. Отфрлајќи ги традиционалните италијански или мексикански посредници, Албанците преговараат директно со производителите. Тие сега во најголема мера раководат со целиот синџир на снабдување од Јужна Америка кон Европа.
Според извори од британските полициски служби, од рекордните 11 тони кокаин што минатата година биле запленети во Велика Британија, голем дел отпаѓа на набавки од балканските, односно албанските криминални фракции. Од Јужна Америка, тие ја испорачуваат дрогата до британските брегови, преку Белгија или Холандија, кои во последниве години се претворија во главни европски пристаништа за дрога.
Миграцијата од Албанија, една од најсиромашните европски држави, овозможи формирање банди во клучните градови низ Јужна Америка, кои ги презедоа шверцерските мрежи, со кои порано доминираше италијанската мафија.
Според минатогодишните извештаи на Скотланд јард, албанскиот наркосиндикат е како октопод – секој сегмент на криминални активности е разработен до совршенство, па, така, дрогата стигнува многу брзо до посакуваните локации.
Има ли поврзаност на напливот на албански мигранти со албанската мафија во Британија
Загриженоста на британската јавност поради наглиот пораст на илегални влегувања на албански државјани годинава на територијата на Велика Британија, деновиве во албанската јавност ја пренесе телевизијата Топ чанел од Тирана. Според телевизијата, најмалку 12.000 албански граѓани годинава илегално влегле на територијата на Велика Британија, а кулминација на движењето била забележана од јуни до октомври.
– Британските пратеници со загриженост истакнуваат дека над 12.000 албански граѓани илегално со гумени чамци влегле на британска територија, а врвот на движењето бил од јуни до октомври, потврдуваат податоците објавени од Комитетот за внатрешни работи во британскиот парламент – ја пренесе веста од Британија, албанската телевизија Топ чанел.
Според истиот извор, во 2020 година влегле 20, а лани 800 албански граѓани.
– Годинава таа појава претрпе страшен скок, што изгледа се должи на тоа што преку морскиот пат плаќаат пониска цена, четири илјади наспроти 22 илјади фунти, колку што може да чини премин со камиони. Од овие 12.000 илегални имигранти, десет илјади се полнолетни машки лица. Само 12 отсто од албанските мажи успеваат да добијат азил, а добар дел од нив не се ни труди да го побара – наведува телевизијата.
Значителниот раст на бројот на Албанци што се обидуваат да влезат во Британија со гумени чамци ја поттикна поранешната министерка за внатрешни работи Прити Пател да бара начини како брзо да ги врати, а главниот аргумент е дека Албанија се смета за безбедна земја.
Напорите на британските власти за спречување на овој феномен почнаа со пилот-проектот преку кој 12 албански мигранти, девет мажи и три жени, деновиве беа вратени назад веднаш по пристигнувањето во Обединетото Кралство, што го оценуваат како силно предупредување да не се обидуваат илегално да влезат на британска територија.
Поради оваа загрижувачка појава, главно присутна меѓу жителите од северниот дел на земјата, албанскиот премиер Еди Рама во неколку наврати упати апел да се откажат од намерата, а средствата што ги плаќаат да ги инвестираат во сопствен бизнис, во што ќе имаат помош и поддршка од владата.
Албанската мафија од криминалистите квалификувана како „мафија на иднината“?!
Пред неколку години, италијанскиот обвинител Никола Гратери, кој од 2016 година беше одговорен за Одделот за борба против мафијата во регионот на Калабрија, за тиранската телевизија Ора њуз изјави дека „албанската мафија е во редот на најмоќните“ во светот.
Уште тогаш тој предвиде дека албанската мафија ќе биде мафија на иднината.
– Албанската мафија е постојано растечка во Европа и ќе биде мафија на иднината. Албанската мафија сѐ повеќе се шири во Јужна Америка. Во соработка со калабриската мафија „Ндрагета“, таа е способна да увезува големи количества кокаин во Европа. Албанската мафија е исто така доста присутна во трговијата со марихуана, тони прошверцувана марихуана од Албанија ја преплавуваат Европа. Ние сме многу загрижени – изјави Гратери.