Европол неодамна координира сложена и сеопфатна операција, односно меѓународна истрага за откривање десетици илјади профили што поседуваат и споделуваат материјали за сексуална злоупотреба на деца на интернет.
Операцијата, предводена од Одделот за внатрешни работи, ги вклучи органите за спроведување на законот од Австралија, Австрија, Канада, Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Словенија, Шпанија, Велика Британија и од САД

РЕАЛИЗИРАНА СЛОЖЕНА И СЕОПФАТНА ОПЕРАЦИЈА НА ЕВРОПОЛ ЗА ОТКРИВАЊЕ ПЕДОФИЛИЈА

Интернетот е едно од најопасните места за децата, особено за оние помалите, малолетните, кои сѐ уште не се доволно запознаени со опасностите што ги демнат од ова виртуелно место каде што го трошат своето време. За жал, насекаде во светот се забележани огромни нарушувања на детските права, објавување детска порнографска содржина од многу изопачени умови, кои своите страсти ги одржуваат гледајќи секаква порнографска содржина во која се застапени децата.

ОПСЕЖНА ИСТРАГА ЗА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА

Европол неодамна поддржа меѓународна истрага за десетици илјади профили што поседуваат и споделуваат материјали за сексуална злоупотреба на деца на интернет.
Операцијата, предводена од Одделот за внатрешни работи, досега ги вклучи органите за спроведување на законот од Австралија, Австрија, Канада, Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Словенија, Шпанија, Велика Британија и од САД.
Меѓународната координација на истражните активности го олесни идентификувањето на голем број лица поврзани со овие сметки.
– Истрагата беше иницирана во 2019 година, по извештај од давател на онлајн услуги, кој посочи дека голем број престапници ја користеле платформата за размена на особено вознемирувачки слики од злоупотреба на деца, вклучувајќи и слики што прикажуваат садистички чинови на сексуална злоупотреба на доенчиња и деца. Прегледот на информациите доведе до откривање на 32 гигабајти датотеки, еквивалентна меморија неопходна за емитување видео од приближно 90 минути. До денес, меѓународната истрага доведе до отворање 836 случаи на меѓународно ниво, апсење на 46 лица низ Нов Зеланд, идентификација на повеќе од 100 осомничени низ ЕУ и заштита на 146 деца низ светот. Оперативните активности доведоа до идентификација на корисници низ светот и оваа информација беше споделена со релевантните национални власти за понатамошни активности. Во два од случаите во Австрија и во Унгарија, осомничените биле престапници што ги малтретирале сопствените деца, кои имале шест, односно осум години. Двете деца потоа беа заштитени. Друга истрага во Шпанија откри дека осомничениот поседувал и дистрибуирал материјал за сексуална експлоатација на деца, додека, исто така, снимал голи и сексуални слики на возрасни без нивна согласност. Голем број истраги сѐ уште се во тек низ ЕУ – информираа од Европол.

ИНТЕРНЕТ-РОДИТЕЛСТВО

Од првата детска амбасада „Меѓаши“, токму за заштита на децата од ваков вид експлоатација, на својата интернет-страница имаат објавено практични совети за интернет-родителство, со што се обрнува посебно внимание околу заштитата на децата на ова поле.
– Со ширењето на интернетот, мобилните телефони и уредите поврзани со вај-фај, децата и младите можат да пристапат до различни платформи и содржини, речиси во секое време од денот или ноќта и од речиси секоја локација. Поголемиот дел од времето, оваа интернет-конекција е позитивна придобивка бидејќи децата користат интернет за да ја завршат домашната задача, да разговараат со пријателите, споделуваат фотографии, прават музички видеа, играат игри, користат страници за споделување датотеки и многу повеќе. Но знаеме дека децата се соочуваат со многу ризици преку интернет, почнувајќи од сајбер-насилство, говор на омраза, сексуална злоупотреба и експлоатација, изложување детска порнографија и многу повеќе – наведено е на интернет-страницата.
Оттаму ги едуцираат и родителите како да препознаат сајбер-насилство во кое, секако, е вклучена и сексуалната злоупотреба.
– Вознемирување – константно праќање навредливи, вознемирувачки и груби пораки; Имитирање – пробивање во туѓи кориснички сметки и праќање лажни, засрамувачки пораки во туѓо име; Омаловажување – пишување гласини или други неточни изјави што може да ѝ наштетат на жртвата, како и слики со понижувачка содржина и срамни лични информации и нивно праќање или објавување на интернет; Измамување и јавно откривање – споделување туѓи лични информации или измамување некого за да ги сподели своите тајни со цел да им ги препраќа на други; Вулгарно обраќање – праќање пораки со вулгарна содржина и сајбер-демнење – константно заплашување на жртвата за својата безбедност – наведено е на страната.

[email protected]