Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, проблематиката со лажни дојави за поставени бомби и експлозиви во изминатиот период доаѓа до израз во актуелниот период поради неколку причини: на меѓународен план извор за оваа појава се настаните во Украина и други воени жаришта низ светот, додека на внатрешен план како извор за настани од оваа област може да се наведат: политичката состојба, последиците од пандемијата на ковид-19, одредени психопатолошки состојби кај поединци, односот кон системот на власт, реакција на одредени владини одлуки и проекти итн. Нашата држава не е имуна на овие негативни појави

СЕРИЈА СЕРИОЗНИ ЗАКАНИ ЗА ЗАГРОЗУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ

Лажните дојави дека на одредена локација во една држава има поставено бомба претставуваат сериозна закана за безбедноста на една земја, загрозување на сигурноста на граѓаните и за тешко нарушување на јавниот ред и мир. Во моментот на една таква дојава, речиси сите капацитети се насочуваат кон лоцирање и наоѓање на (наводната) експлозивна направа. Дополнително, се трошат енормни сили на евакуација на околните објекти и население, се отежнува сообраќајот и се нарушува нормалното секојдневие во областа каде што е, наводно, поставена бомбата. Сето тоа е голем предизвик за властите, па и за целокупните безбедносни системи.

СРБИЈА МАКА МАЧИ СО ЛАЖНИТЕ ДОЈАВИ ЗА БОМБИ

Неодамна во деловната зграда каде што е лоцирана „Ер Србија“ беше пријавено дека има поставено бомба. На почетокот на месецов, лажна дојава за бомба за истата компанија беше пријавена и во друга филијала, со што, српските експерти велат дека авионите на српската авиокомпанија се честа цел на вакви дојави на летовите насочени кон Русија.
Месецов исто така беа пристигнати дојави за поставени бомби на адреса на неколку трговски центри во Белград и во Ниш. За сите овие дојави, констатирано е дека се лажни.
Коментирајќи ги овие безбедносни закани, српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, изјави дека против Србија се води хибридна војна затоа што Србија не вовела санкции кон Руската Федерација.
Според него, овие закани предизвикуваат огромна штета на економијата и на самиот безбедносен систем, бидејќи полицијата мора да реагира на секоја дојава.
– Во иднина ќе мораме превентивно да дејствуваме, да вршиме прегледи на трговските центри пред нивното отворање. Ако граѓаните забележат зголемено присуство на полицијата, тоа не е затоа што има некој проблем, туку затоа што водиме сметка за безбедноста – рече тој.
Според српските експерти, масовните и организирани лажни дојави за бомби претставуваат сериозно загрозување на безбедноста.
– Најпрво се создава паника на местата со голема фреквенција, а при таквите панични ситуации може да се случи стампедо. Ваквите дојави го исцрпуваат безбедносниот систем, кој секоја ваква закана мора да ја третира како сериозна, додека не се констатира дека истата таа е лажна – сметаат српските експерти.

ЛАЖНИ ДОЈАВИ И ВО БУГАРИЈА

Ништо подобра не е ниту состојбата во соседна Бугарија, каде што неодамна исто така имаше дојава за поставена бомба на аеродромот во Софија.
На Терминалот два на софискиот аеродром се проверуваше присуство на експлозивна направа, која, наводно, била донесена и оставена од патник. За проверка на сигналот биле испратени екипи на специјализираната антитерористичка единица. Полицијата повика на итна евакуација на авионот, по што сите мораа да излезат за да се изврши проверка.
Тогаш во медиумите беше објавено дека полицијата претресувала патник од бизнис-класата бидејќи рачниот багаж му бил сомнителен.

ШТО ВЕЛАТ МАКЕДОНСКИТЕ ЕКСПЕРТИ

Лажните дојави за бомби не се новитет ниту за нашата земја, каде што во 2020 година беше пријавено дека во објектот на Македонскиот народен театар има поставен експлозив, по што беа евакуирани сите објекти од културата во околината.
На објектите беше извршен преглед, по што беше заклучено дека дојавата беше лажна.
Според проф. д-р Атанас Козарев, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, проблематиката со лажни дојави за поставени бомби и експлозиви во изминатиот период доаѓа до израз во актуелниот период поради неколку причини: на меѓународен план извор за оваа појава се настаните во Украина и други воени жаришта низ светот, додека на внатрешен план како извор за настани од оваа област може да се наведат: политичката состојба, последиците од пандемијата на ковид-19, одредени психопатолошки состојби кај поединци, односот кон системот на власт, реакција на одредени владини одлуки и проекти итн. Нашата држава не е имуна од овие негативни појави.
– Постоеле во минатото (како на пример, случајот во 2001 година кога имаше лажно телефонско пријавување за полициска станица. За жал, пријавител беше полицаец што беше суспендиран!). Проблемот кај овие однесувања е што истите тие се инкриминираат како прекршоци за кои се плаќа парична казна, а истите тие не се третираат како кривично дело – вели тој.
Според него, токму оваа казнено-правна реакција на државата кон лицата што применуваат модели на лажни дојави на бомби ги охрабрува и затоа сме сведоци на вакви немили настани.
– Фактот што нема последица, освен паника и медиумско покривање на овие настани, всушност, со дојавите за лажни бомби се повлекува само прекршочна одговорност, како посебен вид казнена одговорност.
Од друга страна, на експертите им е јасно дека ваквите настани може да предизвикаат многу повеќе трошоци поради ангажман на антитерористички единици, проверки итн. Превенцијата во оваа област е можна само со подигнување на безбедносната култура и свеста кај граѓаните за почитување на законите, односно владеење на правото како цивилизациска придобивка, нагласува професорот.