Фото: МВР

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против три физички и едно правно лице поради сомнение за повеќе кривични дела, со кои е оштетен буџетот на ЈП „Национални шуми“ за над три милиони денари.

Според пријавата, правното лице од село во општина Македонски Брод и Б.Б. (21) од Кичево, управител на фирмата, се сомничат за две кривични дела „кражба“. Против Б.Б. (45) од село Пласница е поднесена пријава за „вршење јавен превоз без лиценца“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, додека против Г.П. (50) од Кичево, вработен во јавното претпријатие, за „несовесно работење во службата“.

Според информациите од полицијата, во текот на 2024 и 2025 година, првопријавениот склучил договори за купопродажба на огревно дрво со подружницата Лопушник – Кичево на ЈП „Национални шуми“. На 27 август 2025 година, врз основа на тие договори, четвртопријавениот изготвил испратница со невистинити податоци.

Таквата документација потоа ја искористил третопријавениот како доказ во правниот сообраќај и вршел транспорт на дрвата со товарно возило „Ман“, без да поседува соодветна лиценца за јавен превоз.

Дополнително, правното лице извршило кражба на уште 852,5 кубни метри огревно дрво, со што е предизвикана материјална штета во износ од околу 3.191.760 денари на сметка на јавното претпријатие.

Надлежните институции преземаат мерки за расчистување на случајот.