Локацијата кај скопското Кале каде што се случи двојното убиство / Фото: Игор Бансколиев

Не е првпат во јавноста да се слушне името на убиениот со прекар Жила. Многупати лицето со овој прекар во јавноста било поврзувано со оружени инциденти, но овој пат со фатален крај за него. Според досега познатите информации, тој му бил близок на веќе една година покојниот Камер Идризи-Камбер, кој беше убиен на 13 мај 2021 година, на еден од најголемите муслимански празници Рамазан-бајрам. Обид за убиство на гореспоменатите Жила и Камбер имаше во 2019 година, во хотелот „Александар палас“, но тогаш напаѓачите не успеаја во својата намера.
Минатата година, повторно неколку дена пред големиот верски празник Рамазан-бајрам беше убиен најстариот брат на Камбер, Јонуз Идризи, во чајџилница на улицата Браќа Реџепагиќ, во близината на супермаркетот „Принц“ во скопски Чаир. Според неофицијалните информации, овие убиства меѓусебно се поврзани и се дел од меѓусебна пресметка помеѓу клановите Беланоца и Грчец и истите тие ќе продолжат…

Полицијата интензивно трага по сторителите на двојното убиство во завчерашните пукотници во локал на Скопско кале. Во овој оружен инцидент животот го загубија Јетон Кривањева, познат по прекарот Жила, и Енес Исени, попознат по прекарот Лаци.
Не сакајќи да ја нарушуваат истрагата што е во тек, нашите соговорници, професионалци од областа на јавната безбедност и добри познавачи и хроничари на состојбите во скопското криминално подземје, укажуваат на тенденцијата дека „има голема веројатност црната серија да продолжи и стравуваат дека овој крвав инцидент не е последен!“
Притоа се посочува дека во Скопје веќе во неколку наврати се случија убиства што можат да се поврзат во низата расчистувања сметки меѓу ривалски групации. Последното убиство во низата, реализирано завчера, во познат локал во Старата скопска чаршија, според познавачите, покажа дека тоа не е случајно, напротив, напаѓачите влегле со однапред разработен план и цел – за да убијат, и тоа и го оствариле. Оттука познавачите велат дека овие пресметки не се воопшто наивни и дека ништо не е завршено. Според нив, пресметките се реализираат помеѓу двете криминални групи Беланоца и Грчец и истите тие ќе продолжат додека едната не го преземе скопското подземје.

ШТО Е ДОСЕГА ПОЗНАТО?

Две лица убиени, а едно повредено е епилогот од завчерашните пукотници на Скопско кале во општината Чаир. Убиените се Јетон Кривањева, познат како Жила, и Енес Исени-Лаци, кои седеле на вториот кат од познатиот локал „Шиша бар“. Напаѓачите со црни фантомки влегле во барот и ладнокрвно почнале да пукаат во нив. Убиените веднаш им подлегнале на повредите, а третото лице со иницијали А.Т. со приватно возило било однесено во универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, односно, поранешната Градска болница. Тој имал две рани, една на левото стапало, и уште една поголема на десната потколеница. Раните му биле обработени, направени биле потребните снимања и преврски, поставена му е имобилизација, по што е пуштен на домашно лекување.
Според досегашните информации од Министерството за внатрешни работи, пукањето се случило околу 20 часот. Полицијата на местото на настанот пристигнала брзо, односно десетина минути подоцна од критичниот момент на извршување на делото.
Како што соопштија од Обвинителството, неколку маскирани лица со огнено оружје влегле во локалот и отвориле оган кон двајцата убиени.
– Фиксирани се траги на самото место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази што ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите – изјавија од Обвинителството.
Според неофицијалните информации, напаѓачите по пукањето веднаш избегале. Влегле во автомобил марка „ауди 6“. Според досегашните информации, возилото со кое бегале било пронајдено запалено на патот кон Горно Оризари.
Телата на починатите се предадени на обдукција, а полицијата извршила службени разговори со повеќе лица што биле на местото на настанот.
Вчераутро во Чаир можеше да се забележи вознемиреност кај локалното население. Граѓаните видно вознемирени говореа дека не се чувствуваат безбедни бидејќи не знаат каде ќе се случи следната пресметка и кој, ниту крив ниту должен, ќе заврши убиен поради тоа.

ИМЕТО НА УБИЕНИТЕ ПОЗНАТО ВО ЈАВНОСТА ОД ПРЕТХОДНО

Не е првпат во црните хроники да се спомне името на убиениот со прекар Жила. Според познавачите на криминалното подземје, тој му бил близок на сега покојниот Камер Идризи-Камбер, кој беше убиен на 13 мај 2021 година, на еден од најголемите муслимански празници Рамазан-бајрам. Напаѓачите со „калашникови“ отворија оган кон возилото во кое беше Камбер и неговиот помлад внук, на крстосницата на булеварите Христијан Тодоровски-Карпош и Босна и Херцеговина, кај социјалните згради, во скопската општина Бутел. Напаѓачите од возило во движење кон возилото на Камбер тогаш испукаа околу осумдесетина куршуми, при што тој почина на самото место. На повредите им подлегна и 24-годишниот внук Л.П.
Двајцата, неофицијално, биле дел од криминалната организација Грчец, а нападите ги реализирале припадници на групата Беланоца.
Обид за убиство врз Жила и Камбер имаше уште во 2019 година, во хотелот „Александар палас“, но тогаш напаѓачите не успеаја во својата намера. Тогаш напаѓачите со автоматско оружје и фантомки на лицето упаднаа во хотелот, а поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил што во тој момент седел на истата маса со нападнатите. Полицискиот службеник пукал во напаѓачите во самоодбрана, по што тие се повлекле.
Долга е серијата обиди да се реализира убиство на некој близок на Камбер во чија група бил и Жила, односно да се убие припадник на групата од Грчец.
Минатата година, повторно неколку дена пред големиот верски празник Рамазан-бајрам беше убиен најстариот брат на Камбер, Јонуз Идризи, во чајџилница на улицата Браќа Реџепагиќ, во близината на супермаркетот „Принц“ во скопски Чаир. Тогаш две лица со автоматско оружје отворија оган кон Идризи, при што тој исто така почина на самото место.
Според познавачите на скопското подземје, односите помеѓу Беланоца и Грчец се заостриле некаде во 2005 година, кога во пресметка почина Неџмедин, кој му беше брат на Џелал Ајети-Џељо, кој, пак, беше убиен во 2013 година во неговата чајџилница во Ченто. Двајцата биле дел од Беланоца. Нападот врз Џељо е сличен како завчерашниот. Убиецот, маскиран во фантомка, со оружје влегол во чајџилницата и испукал најмалку 30 куршуми.
Во гангстерска пресметка со автомобили, во 2018 година, беше убиен уште еден брат на Џелал, Наим Ајети, во скопски центар на улицата Рузвелтова.
Веднаш по овој напад доаѓа нападот врз Камбер и Јетон во хотелот „Александар палас“, по што станува јасно дека двете криминални групи меѓусебно се пресметуваат. И тогаш напаѓачите избегаа и го запалија возилото на периферијата на Скопје.
Според познавачите, оружените пресметки нема да завршат сѐ додека не се убие и последниот. Во моментов, како што нѐ информираат нашите извори, помеѓу овие две групи се врши пресметка што трае многу години и ќе продолжи да трае сѐ додека не се исчистат сите припадници на групата од Грчец, за Беланоца да го преземе скопското подземје. Криминалната група Грчец работи со изнуда, рекет и дрога, а во истите области функционира и Беланоца. Сторителите на убиствата не се пронајдени за ниту еден од случаите. Н.М.