Затворениците осудени за крвавите настани од Диво Насеље се далеку од префрлање во Косово, за да ги доиздржат затворските казни. И по еден месец, нивните барања до Министерството за правда не се докомплетирани, за да може да се постапува по истите. Од Кабинетот на министерот за правда, Кренар Лога, за „Макфакс“ велат дека постојат и други услови, меѓу кои е косовските власти да ги признаат пресудите за случајот донесени од македонските судови.
-Косовските власти прво треба да ги признаат пресудите на нашите судови. Потоа, ќе се размислува за тие варијанти. Притоа треба да се комплетира документација, па во координација со МВР и косовските власти да се види дали постои можност за такво нешто – велат од Кабинетот на Лога.
Пред еден месец, по првиот брифинг со новинарите, Лога зборуваше за можноста осудениците да бидат преместени во Косово за да ја доиздржат затворската казна. Тој тогаш одби да каже негов став дали Македонија ќе дозволи екстрадиција по завршување на процедурите и посочи: „Не можам да кажам пред време, без да имам став од сите фактори поврзани со ова прашање. Би сакал да сум воздржан“.
Некои од осудените за настаните од Диво Насеље имаат косовски државјанства. Од 29 осудени, седуммина се со казни доживотен затвор, 13 казни затвор од 40 години и други пониски казни.
Осудените 28 часа пукаа на македонската полиција во Куманово, а судот ги осуди на вкупно 746 години затвор. Обвинети се за тероризам за настаните во Куманово од 9 до 10 мај 2015 година, во кои загинаа осум полицајци.