„Ндрангета“, мафија без граници
Оваа мафијашка организација, низ годините, во подземјето, успешно се издигна како една од најмоќните. „Ндрангета“ сега заработува милијарди евра годишно, шверцувајќи кокаин од Јужна Америка во Европа и обидувајќи се да поттикне рекорден пораст на производството. Она што дополнително ги загрижува безбедносните служби е фактот дека моќната италијанска мафија „Ндрангета“ соработува со албански банди и посредници од регионов и од матичното „седиште“ во италијанскиот регион Калабрија го шири своето дејствување во концентрични кругови во Албанија, Грција, Црна Гора, Македонија…
Изминатите години веќе стана познато дека Албанците стануваат сѐ поважен сегмент од наркобизнисите низ светот. Тие контролираат доста голем дел од европскиот пазар на дрога, претежно на кокаин, а сега италијанските истражители тврдат дека почнале да соработуваат и со моќната криминална наркоорганизација „Ндрангета“. Според досегашните информации, моќната италијанска мафија „Ндрангета“ соработува со албански банди и посредници за пари, што претставува нова глобална операција „дигитален наркос“ и тешко го загрозува регионот на југот на Европа.
Флексибилни, иновативни и космополитски
„Ндрангета“ помина долг пат од деновите кога нејзините членови беа и дејствуваа како разбојници и бандити во правливите планини Аспромонте во Калабрија на крајниот југ на Италија.
Оваа мафијашка организација, низ годините, во подземјето, успешно се издигна како една од најмоќните. „Ндрангета“ сега заработува милијарди евра годишно, шверцувајќи кокаин од Јужна Америка во Европа и обидувајќи се да поттикне рекорден пораст на производството.
– Тие се флексибилни, иновативни и космополитски – рече генералот Пасквале Анџелосанто, командант на специјалната единица на Карабинерите, која се бори против различните италијански мафијашки мрежи.
„Ндрангета“ создаде нови партнерства со албанските банди, кои го контролираат пристапот до големите европски контејнерски пристаништа преку кои се испорачува кокаинот.
Според досегашните сознанија, мафијашките босови пренесуваат пари низ светот со помош на брокери, кои се специјализирани за криптовалути, овозможувајќи им брзо и анонимно да преместуваат пари низ светот.
– Постои сè поблизок однос меѓу италијанските мафии и странските групи, меѓу нив и Албанците, кои освен што се посредници што ги купуваат наркотиците во земјите производители, гарантираат дека тони кокаин, скриени во контејнери, можат да поминат низ пристаништата во северна Европа – изјави генералот Анџелосанто за весникот „Ла република“.
Една од најразвиените криминални мрежи
Според податоците на Анџелосанто, кај оваа мафијашка организација има еволуција во трансферот на средства што се користат за плаќање на дрогата.
– „Ндрангета“ користи специјалисти што имаат на располагање милиони, и тоа во различни валути низ целиот свет – вели тој.
Мафијашките босови се исто така вешти да користат „софистицирани финансиски инструменти“ додека ги преместуваат парите, инвестирајќи ги приходите од трговијата со дрога во легитимни бизниси, од хотели и ресторани до места за перење автомобили и супермаркети.
„Ндрангета“ е една од најразвиените од сите криминални мрежи – таа е како криминална холдинг компанија со повеќе интереси и е инфилтрирана во правните економски сектори.
– За да ги избегнат истрагите, тие ги користат сите најсофистицирани алатки, на пример, шифрирана телефонска комуникација – рече генералот Анџелосанто.
Тие користат „Финтек“ за да добијат услуги и финансиски производи или користат криптовалути за да префрлаат капитал веднаш и анонимно на кој било дел од планетата.
„Калабриската мафија долго време има глобални амбиции“, рече командантот на карабинерите, цитирајќи мафијашки информатор, кој му рекол дека: „’Ндрангета’ нема да застане во Реџо Калабрија (италијанскиот регион Калабрија). Тие се во Канада, Австралија, Америка, Европа секако… во секој дел од светот“.
Тежок удар
Минатиот месец, полицијата низ Европа уапси 132 лица, во акција што беше поздравена и окарактеризирана како сериозен удар врз мрежата на организиран криминал.
Рациите следуваа по истрагата што ги опфати Италија, другите европски земји како Германија и Шпанија, но и Панама и Бразил.
Осомничените беа обвинети за вмешаност во трговија со дрога од Јужна Америка, Европа и во Австралија. Некои беа обвинети и за пуштање во оптек на оружје од Пакистан до Јужна Америка како начин за плаќање на пратките на кокаин.
Еуроџаст, агенцијата на ЕУ за соработка во кривичната правда, ја опиша операцијата како „најголем координиран удар против италијанскиот организиран криминал досега“.
Италијанската мафија „во сојуз“ со албанските криминални групи
Членовите на кланот „Ндрангета“ беа вклучени не само во трговија со дрога туку и во перење пари, трговија со оружје, даночна измама и даночно затајување.
Резултатите од истрагата деновиве беа презентирани пред јавноста, при што инспекторите изнесоа цврсти докази за тоа дека италијанската мафија била во сојуз со албанските криминални групи што дејствуваат во Јужна Америка, пред сѐ во Еквадор, како и во неколку европски земји.
Тие направиле „масивни инвестиции“ во Италија, како и во Бразил, Уругвај, Аргентина и низ цела Европа, соопшти Еуроџаст.
Тешко е да се процени колку заработува „Ндрангета“ секоја година бидејќи нејзините активности по природа се тајни. Сепак, италијанската истражувачка група, „Еуриспес“, според некоја своја методологија, го процени нејзиниот годишен обрт на околу 44 милијарди евра.
Силата на криминалниот синдикат, според италијанската истражна дирекција за борба против мафијата, лежи во неговата традиционална семејна лојалност, а такво нешто се пронаоѓа и во Албанија, Грција, Црна Гора, Македонија…
И Канцеларијата на ОН за дрога и криминал ја анализира соработката на албанските и италијанските криминалци
Според извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за дрога и криминал објавен во март годинава, глобалното производство на кокаин повторно почна да расте, по застојот за време на пандемијата, и сега е на рекордно ниво.
Во извештајот за актуелните состојби на глобално ниво, најновите сознанија на ОН укажуваат дека албанските банди се клучни во дистрибуцијата на кокаин низ Европа, вклучувајќи и во Обединетото Кралство.
Како резултат на тоа се проценува дека околу десет тона кокаин се шверцуваат во Британија секоја година од пристаништата како Хамбург, Ротердам и Антверпен.
Големата албанска дијаспора „често работи во соработка со италијанските криминални групи“, се вели во извештајот на ОН.
Уште пред четири години италијански обвинител алармираше, но без успех
Во 2019 година италијанскиот обвинител против мафијата, Никола Гратери, го крена алармот во интервју за весникот „Ла стампа“, предупредувајќи дека албанската мафија има огромна улога во светската трговија со дрога. Тој притоа потенцираше дека таа соработува со италијанската мафија „Ндрангета“.
Уште тогаш Гратери потенцираше дека светот многу повеќе ќе слуша за албанската мафија во годините што доаѓаат и дека таа мафија во иднина ќе има поголема моќ.
– Ќе слушаме повеќе и повеќе за албанската мафија во годините што идат, а оваа организација нема да има поголема моќ само во Италија туку дури и во Холандија или во Јужна Америка, каде што Албанците стануваат посилни во нивната улога како дилери на дрога – рече Гатери.
Ова, како што подвлече Гратери, ќе се случи и поради големата соработка на албанската мафија со мафијата на Калабрија.
[email protected]