Фото: Википедија

Криминалните поведенија на Гризелда започнале на млада возраст. Кога таа имала 11 години, наводно, киднапирала момче и го убила кога неговите богати родители не платиле откуп. Таа следната година се ориентирала кон проституција и џебни кражби. Како 13-годишна, таа живеела со макрото и фалсификатор на документи, Карлос Трухиљо, кој станал нејзиниот прв сопруга

Впечатливи приказни од полициските досиеја за криминалот и борбата против него

Гризелда Бланко, позната како „кумата на кокаинот“, Ла Мадрина („кума“), Ла Хефа („шефица“) и црната вдовица, беше безмилосна кралица на кокаинот чие владеење во Колумбија траеше речиси пет децении. Гризелда беше позната по своите иновации во трговијата со дрога, дури и отвори своја фабрика за долна облека за да создаде долна облека со скриени џебови за шверцерите. Властите веруваа дека таа стои зад стотици убиства, вклучувајќи ги и оние на нејзините тројца сопрузи.

Горда на животниот стил?!

Бланко, наводно, била толку горда на својот животен стил што дури и го именувала еден од своите четири сина по легендарниот измислен гангстер Мајкл Корлеоне.
Поранешниот агент на ДЕА, Боб Паломбо, кој со години ја истражуваше кумата на кокаинот, за неа во една пригода изјави дека е „само насилна личност“.
Откако ги научи сите трикови за водење бизнис во Њујорк и откако научи како да ги влече конците, таа стана клучен играч со дрога во 70-тите години во Мајами, во што беше вклучен и Пабло Ескобар.
Додека се шушкаше за можна љубовна врска меѓу нив, односно дека тој бил нејзин ментор, тој во една пригода рекол дека се плаши од Гризелда.
– Единствениот маж од кого некогаш се плашев беше жена – Гризелда Бланко – рекол Ескобар.
За нејзината мегапопуларност во криминалниот свет беше снимен и филм, во кој ја глумеше познатата Кетрин Зета-Џонс во 2017 година, насловен „Кумата на кокаинот“, а сега ја игра Софија Вергара, во серијата „Гризелда“ на Нетфликс.

Која беше Гризелда Бланко?

Гризелда Бланко, според шпанскиот весник „Ел паис“, е родена во Картагена, Колумбија, на 15 февруари 1943 година. Таа се преселила во Меделин, Колумбија, со својата мајка во раните години.
Злосторничкиот живот на Гризелда започнал на млада возраст. Кога таа имала 11 години, наводно, киднапирала момче и го убила кога неговите богати родители не платиле откуп. Според пишувањето на медиумите, таа следната година се ориентирала кон проституција и џебни кражби. Како 13-годишна, таа живеела со макрото и фалсификатор на документи, Карлос Трухиљо, кој станал нејзиниот прв сопруг.
Гризелда и Трухиљо имаа три сина, но бракот не траеше. Двојката имала расправија поради растечката криминална империја, што доведе до тоа Гризелда да се разведе од Трухило и подоцна да го убие. Во 1960-тите, таа го преселила семејството во Квинс, Њујорк, со својот втор сопруг, шверцерот на кокаин Алберт Браво, криејќи ги нивните криминални приходи преку неговата компанија за увоз на облека. Гризелда отвори своја фабрика за долна облека во Колумбија, произведувајќи облека со скриени џебови за шверц на дрога.
Нивната нелегална операција во полицијата беше позната како „Организација Алберто Браво“, а кога властите тропнаа на нивната врата, Гризелда и Браво беа меѓу 150-те уапсени луѓе. Според пишувањата на медиумите, тие беа „најголемата колумбиска наркоорганизација некогаш откриена“, а беа обвинети за заговор за производство, шверц и дистрибуција на кокаин во САД.
Обвинението дојде откако Гризелда и Браво избегаа од федералните истражители назад во Колумбија, каде што планираа да продолжат со бизнисот. Меѓутоа, кога се вратиле, Гризелда и Браво, наводно, се расправале поради различни ставови, по што таа пукала во него.
По ова убиство, кумата на кокаинот ја презела контролата врз целата нивна операција со кокаин.
Во 1978 година, таа се омажи за својот трет сопруг, Дарио Сепулведа, со кого го доби синот Мајкл Корлеоне Бланко, именуван по главниот лик во култниот филм „Кум“. Тројката тајно се вратила во САД и се населила во Мајами, Флорида, истата година, каде што Гризелда го продолжува своето владеење над својот картел – како и нејзиното навидум бескрајно убивање. Најозлогласеното убиство беше пукањето во јули 1979 година во трговскиот центар „Даделанд“, во кое двајца од убијците на Гризелда ги убиле Германецот Хименез Панес и неговиот телохранител Хуан Карлос Хернандез и раниле неколку други лица. Панесо, наводно, бил вклучен во колумбиската трговија со дрога.

Какви злосторства направила Гризелда Бланко?

По една деценија во бегство, Гризелда беше уапсена во Ирвин, Калифорнија, во февруари 1985 година. Според веб-страницата на Обединетите нации за дрога и криминал, кога била запрена од претставници на американската Администрација за борба против дрога (ДЕА), таа им дала лажно име и лажни документи. На крајот, поротата ја осуди на 15 години затвор и парична казна од 25.000 долари.
Додека ја отслужуваше федералната казна во Њујорк, државата Флорида ја обвини Гризелда за три точки за убиство од прв степен. Сепак, случајот беше отфрлен откако главниот сведок на обвинителството, послушникот на Гризелда, Хорхе Ајала, имаше „телефонски разговор“ со секретарите на окружниот обвинител на округот Мајами – Дејд.
Специјалните обвинители во Орландо го презедоа случајот во 1999 година, а Гризелда се изјасни за виновна за две убиства. Таа беше осудена на 20 години затвор. Помошникот на американскиот обвинител Стивен Шлезингер, кој ја гонеше Гризелда, верува дека таа извршила и наредила многу повеќе убиства од трите за кои беше обвинета.
– Мора да имало десетици од нив. Немаме поим овде колку убиства одобрила во Колумбија. Таа беше целосна социопатка. Убиваше луѓе. Би го убила секој што не ѝ се допаѓа, поради долг, затоа што зезнал пратка или не ѝ се допаѓа како ја гледа – изјави Шлезингер за Мајами Хералд.
Гризелда беше ослободена од затвор во 2004 година и депортирана во Колумбија, каде што живееше до крајот на животот.

Кои беа сопрузите на Гризелда Бланко?

Гризелда се омажи за својот прв сопруг Карлос Трухиљо како тинејџерка во Колумбија. Откако се разведоа, Гризелда, наводно, го убила Трухиљо. Вториот сопруг на Гризелда, Алберто Браво, ѝ помогнал да ја развие својата кокаинска империја во САД и живеел со неа во Квинс кон крајот на 1960-тите. Откако дознале дека федералните агенти ги регистрирале во истрага во 1975 година, Гризелда и Браво заминале во Колумбија, каде што завршиле пукајќи еден во друг во расправија поради нивната работа – а само Гризелда преживеала.
Гризелда се омажила за својот трет сопруг Дарио Сепулведа во 1978 година. Тие го добиле нивниот син Мајкл Корлеоне Бланко во Колумбија истата година, пред тајно да се преселат во Мајами. Според „Мајами њу тајмс“, Гризелда го убила Сепулведа во 1983 година поради спор околу старателството над децата.

Како умре црната вдовица?

Гризелда беше убиена од атентатор во Меделин, Колумбија, на 3 септември 2012 година. Таа била пред месарница кога маскиран маж ја застрелал двапати во главата, а потоа избегал со мотор.
Органите за спроведување на законот тогаш изјавија дека со години претпоставувале дека Гризелда е мртва.
– За сите нас е изненадувачки што таа не беше убиена порано бидејќи создаде многу непријатели. Кога ќе убиеш толку многу и ќе повредиш исто толку луѓе како таа, прашање на време е кога ќе те најдат и ќе се обидат да го изедначат резултатот – изјави поранешниот детектив за убиства во Мајами, Нелсон Андре.
Наводно, тогаш била со својата бремена снаа, која била неповредена во престрелката.
Гризелда имала 69 години кога била убиена. Мајами Хералд објави дека нејзината снаа во тоа време била во нивниот автомобил, а откако Гризелда била застрелана, таа ставила Библија на градите на Гризелда. Поранешниот партнер на Гризелда, Чарлс Козби, за медиумите изјави дека таа „се посветила на религијата во нејзините подоцнежни години“.

Каде се сега нејзините синови?

Гризелда имаше четири деца. Таа и нејзиниот прв сопруг Трухиљо имаа три сина: Убер Трухиљо, Дикон Трухиљо и Освалдо Трухиљо. Гризелда го роди својот најмлад син Мајкл Корлеоне Бланко со својот трет сопруг Сепулведа. Мајкл стана ѕвезда на реално шоу на „Ви-ејч уан картел кру“, во кое тој тврдеше дека почнал да работи во бизнисот со кокаин на мајка му кога имал 12 години. По апсењето на Гризелда во 1985 година, тој водел мирен и приватен живот со роднините, патувајќи меѓу Колумбија и САД и престојувајќи во близина на поправниот дом на неговата мајка во Калифорнија.
По смртта на Гризелда во 2012 година, Мајкл одлучил да го промени својот пат во животот и да не оди по нејзините стапки.
Убер, Дикс и Освалдо, наводно, биле убиени пред Мајкл поради нивната вмешаност во бизнисот со дрога.
– Морав да се развивам и да станам поинаква личност за да ја прекинам таа врска, за моите деца да не мора да живеат живот каков што живеев јас. Не беше лесно – изјави тој.
Денес, Мајкл е сопственик на брендот „Пјур бланко лајфстајл“. Што се однесува до присуството на неговата мајка во поп-културата, тој има работено на неколку проекти за неа, но ги тужеше „Нетфликс“ и Вергара, тврдејќи дека неговото „приватно уметничко литературно дело“ било украдено и користено без надомест при градењето на ликот на Гризелда на „Нетфликс“.