Фото: Игор Бансколиев
АНАЛИЗА

Од јануари до март 2023 година се регистрирани вкупно 28.593 прекршоци по Законот за безбедноста на патничкиот сообраќај (ЗБПС) против возачи, од кои 21.056 се поднесени пред комисиите за одлучување по прекршоци во МВР и 7.537 прекршоци се поднесени пред надлежен суд. Во обид да дознаеме каде најмногу грешат возачите, а наедно да им обрнеме внимание на читателите, а посебно на возачите да посветат особено внимание на негативната практика да не ги повторуваат прекршоците се обративме до Министерството за внатрешни работи, од каде што побаравме податоци за тоа во кои области се евидентирани најмногу казни

Фактот дека сообраќајната култура не ни е силна страна досега многупати се докажа. Непрописното паркирање, несоодветното престигнување, непропуштањето пешаци, пиењето алкохол се само мал дел од прекршоците што секојдневно ги бележат полициските билтени. Во обид да дознаеме каде најмногу грешат возачите, а наедно да им обрнеме внимание на читателите, а посебно на возачите да посветат особено внимание на негативната практика да не ги повторуваат прекршоците се обративме до Министерството за внатрешни работи, од каде што побаравме податоци за тоа во кои области се евидентирани најмногу казни.

БЛИЗУ 30 ИЛЈАДИ ПРЕКРШОЦИ ЗА ТРИ МЕСЕЦИ

Македонските возачи својата сообраќајна некултура и непочитувањето на прописите ја покажуваат во многу ситуации и, според статистиката на Министерството за внатрешни работи, прават многу сообраќајни прекршоци. За само три месеци, според статистиката на МВР, македонските возачи направиле околу 30 илјади прекршоци по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Поконкретно, во периодот од јануари до март 2023 година се регистрирани вкупно 28.593 прекршоци по ЗБПС против возачи, од кои 21.056 се поднесени пред комисиите за одлучување по прекршоци во МВР и 7.537 прекршоци се поднесени пред надлежен суд.
– Најголем дел од прекршоците се против возачи што не ги отстраниле своите возила што се неисправни или онеспособени за натамошно движење на патот – 4.273; прекршоци за возење под дејство на алкохол – 1.432 и прекршоци поради неносење со себе важечка возачка дозвола и возачка книшка – 1.279 – велат од МВР.

Оттаму секојдневно апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се намалат сообраќајните прекршоци и незгоди.

ШТО ВЕЛИ СВЕТСКАТА СТАТИСТИКА?

Според сообраќајната статистика, постојат 12 грешки што ги прават, но и ги повторуваат возачите. Дури 99 проценти од сите сообраќајни несреќи се случуваат како последица на човечки фактор.

Тажната вистина е тоа што возачите продолжуваат да ги повторуваат истите грешки.
Една од најчестите грешки што возачите во светот ја прават, а е евидентна и тука, е возењето во лентата за престигнување. Уште кога се земаат часови за полагање, основно правило е да се вози по десната коловозна лента, а левата да се остави за оние што престигнуваат. Впрочем и самото престигнување се реализира од левата страна. Оваа практика е до толку усвоена кај возачите што воопшто и не се оптоваруваат доколку прават колона сообраќај зад нив.
– Левата лента не е брза лента како што некои милуваат да кажат. Тоа е лента за престигнување. Така е и на автопат. Се вози по средната, секогаш се престигнува на левата крајна лента – се вели во едно истражување.

Наглото закочување без никаква причина е една од водечките причини за сообраќајни несреќи. Ненадејната одлука да се прекине возењето без да се размисли за тој чекор и без никаква индикација, сигурно ќе има последици.
– Секогаш треба да бидете свесни за автомобилите зад вас. Затоа имате ретровизори по кои го ориентирате вашето однесување во сообраќајот. Не може ако гледате дека има возила зад вас, вие да застанете во место. Мора да се приспособите – вели истражувањето.

Трепкачи, четири трепкачи, свирка се индикаторите што им помагаат на другите учесници во сообраќајот да разберат кој е следниот чекор што како учесник во сообраќајот ќе го направите. Значи, ако вртите десно, тоа треба да го знаат и другите возачи зад вас, но и тие спроти вас. Исто така голем проблем е тоа што многумина и забораваат да ги исклучат индикаторите, па често низ улиците гледаме возачи што возат со вклучени трепкачи.

Возењето во кривина секогаш е неудобно, меѓутоа, додека се вози по кривина, важно е да се остане на својата сообраќајна лента. Некои возачи за да ја „фатат“ кривината, честопати навлегуваат во спротивната лента, загрозувајќи ги другите учесници во сообраќајот.

Голема грешка што речиси сите возачи ја прават е притискање на педалот за гас кога на семафорот ќе видат жолто светло. Тоа не значи да забрзате, туку ве информира дека наскоро зеленото светло ќе стане црвено. Речиси 99 проценти од сообраќајките на крстосници, всушност се поради незапирање на жолтото светло, поточно, поради прелетување на жолто светло.
– Секунди се во прашање, додека возачот да ја премине крстосницата, некој веќе вози и гледа дека се вклучува зелено светло. Тој не запира, тој продолжува да вози бидејќи има право на тоа. Но не очекува некој што, всушност, треба да стои, во истиот тој момент – прелетува.

Насекаде во светот возачите сметаат дека не треба да им дадат предност на пешаците на пешачки премин. Тоа го покажува и светската статистика, бидејќи ова сообраќајно однесување е ставено во анализата за најголемите возачки грешки.

Учествувањето во сообраќајот секогаш треба да биде солидарно и по сообраќаен бонтон. Долгите светла се добредојдени кога возачот вози сам низ планински и темни предели. Меѓутоа, возењето со долги светла воопшто не е добро ако возите на место каде што од спротивната страна исто така има возачи. А токму тоа се покажало како една од најголемите грешки што ги прават возачите.
– Со долгото светло ги ослепувате другите возачи и тие не можат да гледаат каде возат. Затоа, кога од спротивна страна има возачи, секогаш користете средно светло – велат експертите.

Неправилното користење на ретровизорите е исто така голема грешка на возачите, а една од најголемите грешки што ја прават возачите е и неправилното седење.
– Седењето предалеку од воланот или во позиција што ја нарушува контролата на возилото, може да го забави времето на реакција. Седењето исправено и држењето на двете раце на воланот е она што секој возач треба да го прави – велат експертите.