Фото: Игор Бансколиев

Светските криминолози, според долгогодишните истражувања и анализи на противправните поведенија на луѓето за време на новогодишната ноќ, направија листа на криминални дела. Освен најчесто сторените кривични дела, на листата се најдоа и профилите на сторителите на истите тие. Така, на листата на сторители се најдоа не само криминалци повратници (рецидивисти) туку и оние што првпат извршуваат
противправни дејства. Според анализата, во пресрет на новогодишната ноќ, поради низа славенички предновогодишни околности, етичките и моралните норми кај човекот малку (повеќе) попуштаат, па тоа е еден од факторите што придонесува и „обичните луѓе“ да се најдат на листата на сторители на кривични дела. Но исто така, поради истите тие гореспоменати околности, кај луѓето попуштаат концентрацијата
и претпазливоста, па, така, „закоравените криминалци“ го користат токму таквиот момент за да го сторат науменото кривично дело…

Ни претстои празничен период, а тоа, секако, оди рака под рака и со криминални дела што се извршуваат за време на новогодишната ноќ. Преокупирани со прославата и пречекот на новата година, многумина забораваат да се заштитат себеси и сопствените домови на оваа ноќ, а токму тоа е она што најмногу им одговара на криминалците, кои демнат и чекаат и најмала грешка од страна на луѓето, за целокупната ситуација да ја искористат за да стекнат сопствена корист. За жал, на новогодишната ноќ и од страна на обичните граѓани се прекршува законот.

ДА НЕ СЕ СЕРВИРААТ ИНФОРМАЦИИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Светските криминолози, според долгогодишните анализи на новогодишната ноќ, направија листа на криминални дела што ги реализираат не само оние од другата страна на законот туку и обичните граѓани за време на пречекот на новата година.
Според анализата, оваа ноќ сите малку попуштаат, а токму тоа е состојба што најмногу ја искористуваат криминалците.
Па, така, едно од најважните правила за новогодишната ноќ е никако да не објавувате каде ќе ја пречекате, бидејќи на социјалните мрежи многу е лесно сите тие информации да ги добијат и криминалците, кои целата ситуација ќе ја искористат во сопствена полза.
Исто така, многу е важно, доколку пречекот на Нова година го реализирате во клуб, кафеана или друг угостителски објект, да бидете внимателни со личните работи во целата таа еуфорија, бидејќи и тука науката покажала дека е можно да бидете ограбени.
Новогодишната еуфорија е најдобредојдена за криминалците, не само поради тоа што тие ноќта на 31 декември ќе ограбат многу домови туку и поради тоа што ќе украдат голем број возила, како и опремата од нив.
Токму затоа науката препорачува возилата за оваа ноќ да бидат паркирани на обележани паркинг-простори каде што нема да бидат толку лесно достапни за криминалците.

КРИМИНАЛНИ ДЕЛА КАКО ПОСЛЕДИЦА НА АЛКОХОЛОТ

Сепак, за волја на вистината, за време на новогодишната ноќ прекршители на законот не се само криминалците туку и обичните луѓе што ја прославуваат Нова година.
Па, така, според криминолозите, на 31 декември, многумина отстапуваат од своето вообичаено однесување, потпаѓајќи под дејство на алкохол и однесувајќи се крајно необично. Како последица на тоа има несоодветно однесување на јавен простор, уништување јавни добра под дејство на алкохол и, секако, тука е и алкохолот како една од причините за многубројните жртви во сообраќајот за време на новогодишната ноќ. Исто така, науката покажува дека прославата на плоштад треба да биде достоинствена, но сепак има исклучоци, кои, под дејството на алкохолот, ќе им ја уништат вечерта на оние околу нив.
Најголемиот број криминални дела се како последица на алкохолот, бидејќи според статистиката, многумина под дејство на алкохол предизвикуваат и масовни тепачки и многу други инциденти.
Секако, користењето дрога многумина ќе го реализираат токму оваа вечер, како една од пригодите на секој можен начин да се прослави Нова година, па затоа многумина се одлучуваат да потпаднат и под дејството на дрога и разни други опијати.
И во земјава ситуацијата не е ништо подобра, бидејќи македонскиот народ важи за народ што сака да пие алкохол, а и секако, речиси секој еден од нас сведочел на инцидент предизвикан од консумирање алкохол.

ПИРОТЕХНИКА И ОГНЕНО ОРУЖЈЕ

За пиротехниката, во која спаѓаат огнометите и петардите, во изминатиот период постојано се зборуваше дека е нелегална, а и Министерството за внатрешни работи постојано апелираше периодов да не се пукаат петарди и огномети. Сепак, кај нас речиси и воопшто не се почитува ова правило. Според светските анализи е докажано дека насекаде во светот петардите и огнометите се набавуваат и пукаат нелегално.
Тука, дополнително е и огненото оружје, кое исто така е доста сериозен проблем и кај нас, бидејќи дневните билтени на Министерството за внатрешни работи се преполни со уапсени лица поради носење и користење огнено оружје.


Прекршоците во Македонија секоја година исти

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека генерално, исти се прекршоците што граѓаните на Македонија ги реализираат за време на новогодишната ноќ
– Низ примерот на податоците за настани случени на подрачјето на СВР-Скопје, во времето од 31.12 од 18 часот до 1.1 до 6 часот, за време на новогодишната ноќ 2020/2021 година, имало вкупно 15 пријавени настани, односно две кривични дела „кражба“, за кои гонењето се презема по приватна тужба, едно кривично дело „одземање моторно возило“, шест прекршоци против јавниот ред и мир (нарушен ЈРМ со физички напад – два случаја, омаловажување полициски службеник исто така во два случаја, едно нарушување на ЈРМ со тепачка и едно нарушување на ЈРМ со „карање, викање, дрско и непристојно однесување“). Потоа еден прекршок по други основи (носење и употреба на оружје на јавно место). Извршени се четири увиди по случени сообраќајни незгоди – информираат од МВР.

[email protected]