Одбраната на тројца обвинети во случајот „Меѓународен сојуз”, меѓу кои и Бојан Јовановски, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје, истакна дека нема да пристапи кон сослушување на предложените сведоци, односно изведување на вербални докази, сѐ додека не биде овозможено изведување на материјалните докази содржани во телефонот на првообвинетиот Јовановски.
– Сѐ додека материјалните докази во конкретниот случај, единствено содржината од „ватцап” комуникацијата од одземениот телефон на обвинетиот Бојан Јовановски, не биде екстрахирана во законски предвидена форма, и изведена како доказ во оваа постапка, ние како одбрана нема да пристапиме кон давање на исказ на обвинетите како доказно средство, кое што го предвидува Законот за кривична постапка – посочи адвокатот Сашо Дуковски.
Тој побара од судот ова барање да не се третира како бранење со молчење.
– Го молам судот без измени и дополнувања, вака како е наведено, да постапува по ова што јас сега го кажав, и би замолил, истото да не се третира како некакво си бранење со молчење или некаква друга правна формулација, затоа и ќе повторам и со тоа завршувам, дека, сѐ додека не се изведат материјалните докази, посочив кои, давањето на одбрана е безпредметно и во ништо нема да помогне за утврдување на фактичката состојба – кажа Дуковски.
Првообвинетиот Јовановски од судот побара да му биде вратен телефонот, за кој рече дека ќе му бидат доволни од три до седум дена да бидат екстрахирани податоците, дотолку повеќе што предложените и прифатени сведоци од страна на судот има право како првообвинет да ги презентира пред судот.
– Укажувам и потенцирам на судот дека јас, како првообвинет во оваа постапка, не се откажувам од правото на давање на своја одбрана и исказ, апелирам и го замолувам судот да ми овозможи, согласно законските предвидени процедури според ЗКП во смисла на водењето на главната расправа, остварување на секоја предвидена и одобрена фаза од страна на судот во однос на доказната постапка – рече Јовановски.
Тој посочи дека изведувањето на материјалните докази па потоа изведувањето навербалните докази, односно сослушувањето на предложените, па потоа прифатените сведоци од страна на судот, се тесно поврзани со неговиот исказ кој што треба да го даде пред судот како првообвинет во постапката.
Судот на денешното рочиште истакна дека во целост се грижел за остварување на правата на одбраната во постапката и за обезбедување правично и фер судење.
– Токму во таа насока, судот за одбраните на повеќе од обвинетите обезбеди докази од правни лица и институции токму за да одбраната ги употреби во оваа постапка – истакна судијката Софче Гаврилова Ефремова.
Во однос на телефонот на обвинетиот Бојан Јовановски, односно материјалите кои се содржани на телефонот, таа истакна дека тој е одземен и обезбеден во првата постапка која што се водеше против обвинетиот Јовановски, позната како „Рекет 1″.
Таа посочи дека податоците од телефонот на обвинетиот се обезбедени од институција која е овластена, стручна и компетентна и постапува согласно правните правила.
Случајот го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.
За случајот со невладината организација „Меѓународен сојуз“, основана од Бојан Јовановски – Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Денешното рочиште треба да продолжи со одбраната на обвинетата Јасна Мандиќ Ерцеговиќ, објави МИА.