Според извештајот, кокаинот е втората најчесто користена дрога во Западна и во Централна Европа. Според процените направени заклучно со оваа година, дури 4,4, милиони лица се корисници на оваа дрога

Понасилен, поразновиден и поконкурентен. Со овие три збора е окарактеризиран пазарот на кокаин во Европа, во последниот извештај на Европол, од досегашните насобрани информации за кокаинот на Стариот Континент. Според извештајот, пазарот на кокаин претставува јасна закана за европската и за глобалната безбедност.
Трговијата со кокаин претставува сериозен проблем на државите во светот и огромен предизвик за полициските власти. Да им се влезе во трага на криминалните организации, кои во услови на глобална пандемија уште поуспешно ги реализираа своите нелегални бизниси, е огромен проблем и претставува секојдневна битка на надлежните власти во светот.

КОКАИНОТ Е ВТОРА НАЈКОРИСТЕНА ДРОГА ВО ЕВРОПА

Според извештајот на Европол, пазарот на кокаин го промени својот изглед. Криминалните организации ги исфрлија посредниците и почнаа самостојно да набавуваат кокаин од земјите каде што нелегално се произведува, со што понудата на оваа дрога значително се зголеми. Се појавија многу нови кланови со што, пак, се зголеми и насилството помеѓу криминалните групи. Меѓу новоформираните криминални мрежи се и оние од Западен Балкан, кои самостојно дејствуваат со понуда на кокаин, снабдувајќи ги другите помали криминалци со оваа дрога, со што за себе обезбедија високо и видно место во снабдувањето со кокаин.
Јулија Видма, раководителка на Одделот на Оперативниот и аналитичкиот центар во Европол, истакна дека трговијата со кокаин е еден од клучните безбедносни проблеми со кои се соочува ЕУ во моментов.
– Речиси 40 отсто од криминалните групи активни во Европа се вклучени во трговија со дрога, а трговијата со кокаин генерира криминален профит од повеќе милијарди евра. Подоброто разбирање на предизвиците со кои се соочуваме ќе ни помогне поефикасно да се спротивставиме на насилната закана што мрежите за трговија со кокаин ја претставуваат за нашите заедници – истакна таа.
Според извештајот, кокаинот е втората најчесто користена дрога во Западна и во Централна Европа. Според процените направени заклучно со оваа година, дури 4,4, милиони лица се корисници на оваа дрога.

БАЛКАНОТ НЕОДМИНЛИВ ДЕЛ ОД КОКАИНСКАТА МАРШРУТА

На крајот на минатиот месец, црногорската полиција успешно пронајде и заплени еден тон кокаин скриен во пратка со банани.
Како што соопштија тогаш од полицијата, уапсени биле две лица откако полицијата ја пронашла дрогата спакувана во 1.200 пакети во контејнери со банани.
Дрогата била пронајдена во неколку склада околу Подгорица, а со ова ѝ беше зададен силен удар на наркомафијата.
Македонски државјанин, пак, во јуни годинава беше уапсен во Драч од страна на албанската полиција, откако во камионот во кој наводно превезувал железо бил откриен кокаин, скриен во кутии со логоа на Чикаго булс, Пари сен Жермен и Диор.
Четириесетгодишниот Македонец со камионот патувал до Неапол, Италија, а за тамошните полициски власти изјавил дека не знаел оти во камионот имало дрога и нагласил дека со години превезувал градежни материјали на меѓународни релации.

 

ШВЕРЦ СО КОКАИН И ВО ЗЕМЈАВА

Шверцот со кокаин е појава што сѐ пофреквентно е присутна и во земјава. Во април годинава, Основното јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Велес на возраст од 31 година за кривичното дело – неовластено производство и пуштање во промeт наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од членот 215 став 1 од Кривичниот законик.
– Осомничениот, на 13 април, неовластено, заради продажба држел наркотична дрога – кокаин во количество од 7,45 грама спакувана во едно полиетиленско пакување. Дрогата ја купил во Скопје од засега непознато лице, па со автомобил се упатил кон Велес. Пакетчето со дрога го држел скриено во левата патика, но му било пронајдено и одземено од полициски службеници на наплатната станица Сопот – информираа од ОЈО.
Минатата година, пак, ОЈО исто така поднесе обвинителен акт против татко (49) и син (22) од скопската населба Ченто.
– Обвинетите, во првата половина на 2020 година, неовластено заради продажба купиле наркотична дрога – кокаин по потекло од Јужна Америка, од непознато лице, припадник на меѓународна организирана група. Купената дрога сите заедно ја пренеле преку државната граница во земјава и неовластено ја држеле во заедничката семејна куќа во населбата Ченто. Таткото имал задача, во зависност од нарачките на заинтересираните купувачи, да ја дели и препакува дрогата во пакувања од 0,5 до 5 грама, додека синот бил задолжен за продажбата. Од почетокот на јули 2020 година до 3.9.2020 година, обвинетите по претходни телефонски договори, наркотичната дрога – кокаин неовластено им ја продавале на купувачи – корисници од селото Кондово, Скопје, Тетово и Неготино – се вели во соопштението од ОЈО.
Полицијата речиси постојано во своите билтени има известувања за уапсени и приведени лица поради производство и пуштање во употреба на разновидна дрога, меѓу која доста често го има и кокаинот.

[email protected]