Во вчерашните протести против францускиот предлог оштетени се зградите на Министерството за надворешни работи и на Собранието. Искршено е стаклото на главната врата од Министерството за надворешни работи, а видливи се и лушпи од јајца, стакло и боја што вчера демонстрантите ги фрлаа кон објектот на МНР. Во Собранието оштетени се прозорци, а исто така видливи се и предмети што беа фрлени кон припадниците на МВР и зградата. Утринава пред Собранието и пред Министерството за надворешни работи е мирно.
За време на протестите беа скршени и 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетени се една полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера се повредени 47 полициски службеници од кои 11 потешко, а двајца имаат сериозни повреди.
Приведени се 11 лица од кои двајца малолетници, а како што соопшти МВР, констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстрантите, кои фрлале со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеле службени дејства обезбедувајќи ги државните институции.
Насилните протести ги осудија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски утринава ги посети повредените полициски службеници. Во изјава за медиумите, тој ги окарактеризира вчерашните протести како вандализам, посочувајќи дека протестот е демократско право. Упати порака до политичките партии дека не смеат да организираат насилни протести и насилно уривање на власта.