Фото: Маја Јаневска-Илиева

За време на операцијата било откриено дека речиси половина (48 отсто) од пакетите што ги проверувале органите на прогонот содржат или недозволени или фалсификувани лекови. Фалсификуваните или неовластени лекови за еректилна дисфункција сочинувале приближно 40 отсто од сите запленети производи. Полициските власти во Австралија, Аргентина, Малезија и во САД, исто така, запленија повеќе од 317.000 неовластени комплети за тестирање на ковид-19. Само американските заплени се проценуваат на околу три милиони американски долари

Како социјалните мрежи станаа пазар за недозволени медикаменти и суплементи

Секојдневно голем број реклами за лекови буквално ги напаѓаат корисниците на интернет, социјалните мрежи и други интернет-страници. Зад овој беспрекорен маркетинг често лежат измамнички производи што го загрозуваат здравјето на потрошувачите наместо да ги лекуваат.

БЛИЗУ ОСУМ ИЛЈАДИ ЗАПЛЕНИ НА НЕДОЗВОЛЕНИ И ФАЛСИФИКУВАНИ ЛЕКОВИ

Глобалната трговија со недозволени фармацевтски производи е огромна и профитабилна криминална област – проценета на 4,4 милијарди американски долари – која привлекува вклучување на организирани криминални групи низ светот.
Дека тоа е така покажува и неодамнешната координирана акција на Интерпол, „Пангеа“, против недозволените онлајн аптеки.
За период од само една недела (23-30 јуни), органите за спроведување на законот извршија повеќе од 7.800 заплени на недозволени и погрешно означени лекови и здравствени производи, во повеќе од три милиони поединечни единици.
Се истражуваа повеќе од четири илјади интернет-страници, главно платформи за социјални медиуми и апликации за пораки, беа исклучени или отстранети повеќе од четири илјади интернет-страници што содржат реклами за недозволени производи, а беа проверени речиси три илјади пакети и 280 поштенски центри на аеродроми, граници и дистрибутивни поштенски центри или центри на карго-пошта. Во акцијата беа отворени над 600 нови истраги и беа издадени над 200 налози за претрес.

Трансгранично вршење на кривичните дела

Иако истрагата сѐ уште е во тек, дејствата на полицијата сериозно ги нарушија плановите за бизнис и заработка дури на 36 организирани криминални групи.
– Продавањето фалсификувани или недозволени лекови преку интернет може да изгледа како прекршок на ниско ниво, но последиците за жртвите се потенцијално опасни по живот – рече генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.
Факт е дека незаконските синџири на снабдување и деловните модели зад трговијата со фалсификувани лекови се инхерентно меѓународни.
За време на операцијата било откриено дека речиси половина (48 отсто) од пакетите што ги проверувале органите на прогонот содржат или недозволени или фалсификувани лекови.
Фалсификуваните или неовластени лекови за еректилна дисфункција сочинувале приближно 40 отсто од сите запленети производи.
Полициските власти во Австралија, Аргентина, Малезија и САД, исто така, запленија повеќе од 317.000 неовластени комплети за тестирање на ковид-19. Само американските заплени се проценуваат на околу три милиони американски долари.

ПРОДАЖБА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Трговијата со недозволени лекови се протега многу подалеку од границите на која било земја и е значајна глобална закана. Честопати производите се произведуваат во една земја и се испраќаат во друга, додека рекламите за лековите се поставени на веб-страници со седиште во многу различни земји.
Само во Малезија, органите за спроведување на законот идентификувале повеќе од две илјади веб-страници што продаваат или рекламираат фалсификувани или нелегално набавени фармацевтски производи.
Социјалните медиуми и апликациите за пораки исто така се користат за рекламирање фалсификувани и недозволени лекови, при што во операцијата се идентификувани повеќе од 1.200 такви реклами на сите главни платформи.
– Дведецениското искуство покажа дека криминалците нема да запрат пред ништо за да заработат профит, вклучувајќи и продажба на фалсификувани лекови и медицински помагала, и покрај опасностите што тие ги предизвикуваат – рече Џим Манкузо, директор на Националниот координативен центар за правата на интелектуална сопственост во Соединетите Американски Држави.
За жал, и Македонија е дел од илегалната продажба на разни лекови, капки и други медицински средства, вклучувајќи и разни „магични“ лекови за слабеење. Речиси на секоја интернет-страница што нема свој импресум и одговорен уредник буквално врие од вакви реклами, со бомбастични наслови, кои имаат цел да ги привлечат купувачите да купат од чудотворните лекови.